Нетанјаху склучи коалициски договор со ксенофобниот, екстремистички пратеник Ави Маоз

Мандатарот за состав на новата влада на Израел, Бенјамин Нетанјаху, склучи договор за коалицирање со партијата Ноам, предводена од Ави Маоз, екстремно десничарскиот, сексистички пратеник, познат по своите ставови против ЛГБТК-плус заедницата и Арапите.

Врз основа на синоќа потпишаниот коалициски договор, Маоз ќе биде заменик-министер задолжен за администрацијата за еврејски идентитет, што допрва треба да се формира.

Една од организациите што ќе ги надгледува Маоз е и Натив, одговорна за еврејските мигранти од поранешниот Советски Сојуз во Израел.

Идниот заменик-министер рече дека сака да ја ограничи можноста за еврејска имиграција, на начин што внуците на Евреите кои самите не се Евреи нема да имаат право да емигрираат во Израел. Многу имигранти од поранешниот СССР добиваат државјанство преку нивните баби и дедовци Евреи, што значи дека доколку Маоз ја преземе надлежноста врз имиграцијата тоа повеќе нема да биде можно.

Конзервативната партија Ликуд на Нетанјаху пред неколку дена се согласи ултрадесничарот Итамар Бен-Гвир да биде министер за национална безбедност.

Новиот договор со Маоз го приближува Нетанјаху до формирање на најтврдокорната влада во историјата на Израел, што ќе се состои само од десничарски, ултрадесничарски, религиозни и ултраортодоксни еврејски партии, јавуваат израелските медиуми.

Партијата на Маоз во предизборната кампања истакнуваше дека арапските наставници во еврејските училишта придонесуваат за бришење на еврејскиот идентитет.

Маоз е против учество на жените во борбените единици на израелската армија и, меѓу останатото, за озаконување на одвојувањето на мажите од жените на јавни настани.

Договорот на Нетанјаху со Маоз беше остро осуден од политичарите на коалицијата во заминување, кои го оценија како расистички.

Актуелниот премиер Јаир Лапид, лидерот на централната партија „Има иднина“ (Јеш Атид), рече дека договорот е „ништо помалку од безумие, како и оти секој изминат ден се чини дека владата не само што ќе биде целосно десничарска, туку и целосно лудачка”.

Министерот за одбрана во заминување, Бени Ганц, објави на Твитер дека „со сите средства ќе се бори против екстремистичката влада на Нетанјаху“.

Потегот на Нетанјаху беше критикуван и од пратениците на секуларната десничарска партија Израел Бејтену (Израел наш дом), која е дел од коалицијата во заминување и првенствено ги застапува имигрантите од поранешниот Советски Сојуз.

Агуда, здружението за ЛГБТК-плус еднаквост во Израел, процени дека вклучувањето на Маоз во идната влада на Израел е најниската точка на која земјата паднала бидејќи тој е опседнат со одземање на правата на членовите на таа заедница и легитимирање на омразата против нивното членство.

Израелските медиуми коментираат дека вклучувањето на Моаз во владејачката коалиција не е од суштинско значење бидејќи лидерот на Ликуд и неговите сојузници имаат 64 мандати од 120-те пратенички места во Парламентот, а Маоз е единствениот пратеник во Кнесетот од партијата Ноам.

Пронајдете не на следниве мрежи: