Нетанјаху смета дека со воената операција во Рафа, Израел е пред конечна победа

Условите во градот Рафа се дојдени до „точката на кршење“ бидејќи виталните резерви ги снемува и веќе во март може да се случи хуманитарна катастрофа од невидени размери

Офанзивата во јужниот град Рафа во Појасот Газа е одложена, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, потенцирјаќи дека со неа, на дофат е целосна победа на неговата држава.

„Целосната победа ни е на дофат, не за неколку месеци, туку за неколку недели, кога ќе ја започнеме операцијата“,

рече Нетанјаху во интервју за американскиот телевизиски канал Си-Би-Ес.

Како што пренесуваат странските агенции, Рафа е „последното упориште“ на палестинското движење Хамас во очите на израелскиот премиер, кој е решен таму да започне копнена офанзива за да го порази Хамас и да ги ослободи заложниците кои се држат во Појасот Газа, и покрај предупредувањата од меѓународната заедница.

Според ОН, околу 1,5 милиони луѓе се во Рафа, град кој се наоѓа на границата со Египет.

„Ако постигнеме договор (за прекин на огнот), таа (офанзивата) на некој начин ќе биде одложена, но ќе се случи“,

додаде израелскиот премиер.

А неодамна, Филипе Лазарини, шеф на мисија на ОН, предупреди дека условите во Рафа се дојдени до „точката на кршење“ бидејќи виталните резерви ги снемува и веќе во март може да се случи хуманитарна катастрофа од невидени размери.

Во тесно збиениот град на јужниот дел од Појасот Газа, Рафа, постојано се населуваат Палестинци кои се борат за својот живот од нападите на Израел.

Бегалски камп во Рафа уништен од ИДФ / ФОТО: ЕПА

Затоа Египет во меѓувреме гради втор камп за раселените Палестинци во градот Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа во соработка со Црвениот крст во Палестина.

Египетските власти го изградија првиот камп во Кан Јунис минатиот декември и го проширија во јануари. Новиот камп, кој ќе има струја и вода, ќе се состои од 400 шатори со капацитет од 4.000 луѓе.

Следниот чекор е изградба на теренска болница во пограничниот град Рафа и медицински камп во Деир ал Балах во центарот на Газа. Во Рафа ќе бидат формирани и два центри за дистрибуција на помош.

Според Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА), повеќе од 85 отсто од 2,4 милиони луѓе во енклавата се внатрешно раселени од почетокот на конфликтот на 7.октомври минатата година, кога Хамас и други палестински фракции го нападнаа јужниот дел на Израел, при што загинаа околу 1.200 луѓе.

Пронајдете не на следниве мрежи: