Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го отфрли барањето на Џо Бајден да се откаже од планираниот копнен напад врз Рафа, последното засолниште за повеќе од милион раселени луѓе во Газа, но и град кој Израел го смета за засолниште на Хамас.
Нетанјаху денеска им рече на парламентарците дека „совршено јасно му ставил до знаење“ на американскиот претседател дека Израел е решен да ја заврши елиминацијата на бригадите на Хамас во Рафа и дека единствениот начин да се направи тоа е да влезе во областа.
Двајцата лидери разговарале вчера, а советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан рече дека Вашингтон го смета копнениот напад за „грешка“ и верува дека Израел може да ги постигне своите воени цели на други начини. Нетанјаху потврди дека има несогласување со Американците за потребата од влез во Рафа, но не и за потребата да се елиминира Хамас, додавајќи дека не гледа начин да се елиминира Хамас без да се уништат преостанатите баталјони.