„Бугарија не би ја коментирал, бидејќи тие се наоѓаат во избори и таму секој дава изјава само за да собере глас плус. Кога ќе завршат изборите кај нив, во првата недела на април, ќе можеме да воспоставиме комуникација со новата влада која што ќе ја изберат и да продолжиме со институционалната комуникација во делот на проектите кои што ги имаме на билатерално ниво. Бидејќи ние со Бугарија не преговараме за влез во ЕУ, ние преговараме со ЕУ во Брисел за влез во ЕУ. Вето нема да има бидејќи ние веќе ги почнавме преговорите“, рече Ковачевски прашан за изјавата на Радев, според кого моменталната состојба е „состојба на вето“.
Ковачевски информираше дека утрово имал состанок со сите амбасадори на ЕУ во земјава, на кој во детали разговарале за она што државата го постигна во 2022 година и она што нѐ очекува во 2023 година. Во делот на преговорите, рече Ковачевски, Северна Македонија го отпочна скринингот со ЕУ и веќе се наоѓаме во поодмината фаза од истиот. Тој потенцира дека сите извештаи се позитивни, дека скринингот се одвива непречено и врз основа на него ќе постојат патокази кои што ќе бидат основа за унапредувањето на нашето општество во иднина со цел остварување на стандардите за полноправно членство во ЕУ. Еден од тие патокази, посочи, е и за правата на малцинствата и етничките заедници, кој што го има секоја држава и кој очекува дека ние ќе го исполниме на највисоко врвно ниво.
„Ако се споредиме со која било држава во Европа, правата на помалите заедници кај нас се издигнати на највисоко можно ниво. Бидејќи ние имаме изградено институции за правата на помалите заедници, имаме закони за остварување на правата на помалите заедници во делот на нивното рамноправно учество во јавната управа, употребата на јазиците итн. И тоа се однесува за сите. Ние имаме и Министерство кое се занимава со тие прашања. Затоа сметам дека барањето на кој било политичар во тој дел, за нас нѐ претставува никаков проблем со оглед на тоа дека правата кои ги имаат сите поединци или групи во оваа држава, а кои што не се дел од мнозинскиот народ, се на многу повисоко ниво од голем број држави во Европа, па и членки на ЕУ“, рече Ковачевски.
Пронајдете не на следниве мрежи: