Сава Ковачевиќ, наставник од Подгорица, не губи време на своите часови. Кога ќе ги совладаат бројките и буквите, неговите ученици учат како сами да си ги испеглаат алиштата, да направат палачинки и да завршат многу други домашни обврски.
За овој просветен работник учениците не се само имиња во дневникот – тој од нив сака да создаде вредни млади луѓе, а не личности кои зависат од другите.
Оваа необична, но вредна за пофалба едукација, го привлече вниманието на целиот регион откако на Фејсбук се појавија фотографии од училиштето во Подгорица на кои се гледаат учениците како со помош на својот наставник, низ забава и смеа, учат да пеглаат кошули, панталони и маици.
Откако ќе ја испеглаат облеката, тие учат и како правилно да ја здиплат.
Ковачевиќ за својата посветеност во работата веќе освоил бројни награди – тој е добитник на награда од Фондот за квалитет и таленти, како и признание од регионалната асоцијација за најдобри наставници од поранешна Југославија, а по повод добивање на ваквото признание, дал интервју за подгоричкиот “Дан”.
“Суштината на нашата професија е ученикот да е во центарот на самиот наставен процес и да го постигне максимумот, а ние сме тие кои ги обезбедуваат таквите услови за секој од нив да може да дојде максимално до израз. Не ги дисциплинирам – јас се трудам да ги научам самите да се дисциплинираат. Мора да бидат свесни што може да значи нивното однесување за другите и колку може да влијае на другите и на самиот процес на учење. Ние наставниците сме тие кои го создаваат имиџот и интегритетот на општеството така што секој од нас се претставува себеси, но го претставува и образовниот систем во Црна Гора”, изјавил Сава во интервјуто.