Не се вадете на пијанство и не го обвинувајте алкохолот за вашите неморални постапки

Односот помеѓу алкохолот и антисоцијалното однесување е добро документиран. Многу аргументи и причини за расправија и тепачка произлегуваат од личност што испила многу алкохол.
Научниците веруваат дека се однесуваме вака кога сме пијани затоа што погрешно ги толкуваме социјалните ситуации и го губиме чувството за емпатија. Во суштина, штом ќе почнеме да ги развлекуваме зборовите и да пелтечиме, нашата способност да ги разбереме или да ги споделиме емоциите на другите исчезнува.
Ако некој направил нешто погрешно додека бил под дејство на алкохол, ние имаме тенденција да му простиме наместо да го сметаме за одговорен за неговите постапки. Овие изговори си ги даваме и себеси.
Но, едно истражување се обидува да создаде појасна слика за тоа како се поврзани пиењето, алкохолот, емпатијата и моралното однесување.
Излегува дека иако консумирањето алкохол може да влијае врз нашата емпатија, принудувајќи нè да одговориме несоодветно на емоциите и реакциите на другите луѓе, тоа не мора да значи дека ги менува нашите морални стандарди или принципи што ги користиме за да правиме разлика што е правилно, а што не.


Во неодамнешен експеримент на учесниците им била дадена вотка и потоа им биле измерени нивната емпатија и нивните морални одлуки. Научниците им презентирале слики покажувајќи луѓе што изразуваат емоции.
Откако консумирале поголема доза вотка, луѓето почнале да одговараат неточно на тие емотивни слики, изјавувајќи дека се чувствуваат позитивно кога гледаат тажно лице и негативно кога гледаат среќно лице. Колку попијани биле луѓето, толку повеќе била нарушена нивната емпатија.
Но, дали алкохолот имал влијание врз нивниот морал?
Научниците ги прашале луѓето што мислат дека ќе направат кога имаат морални дилеми, а потоа анализирале што прават во симулација на морална дилема во виртуелна реалност. Размислете што ќе направите во една од овие ситуации:

Количка оди по пругата кон пет градежни работници кои не можат да слушнат дека им се приближува. Вие стоите на подножјето, помеѓу количката што се приближува и работниците. Пред вас стои непознато лице. Ако го турнете непознатото лице на шините, количката ќе удри во него. Така, непознатото лице ќе умре, но петте работници ќе бидат спасени.


Што би направиле вие?
Додека алкохолот ја наруши емпатијата на учесниците, тој немал ефект врз процената на моралните ситуации или како луѓето би постапиле ако би се нашле во слична ситуација. Ако една личност одлучила да ја турне непознатата личност кон количката и така да спаси повеќе луѓе додека била трезна, истото го одлучила и кога била пијана.
Ако луѓето одбијат да го жртвуваат животот на некој човек во истата ситуација бидејќи веруваат дека убиството е погрешно без оглед на последиците, истото го направиле и кога биле пијани.
Излегува дека иако веруваме дека алкохолот ја менува нашата личност, всушност тоа не е точно. Вие и понатаму сте истата личност по неколку пијалаци – чувството за морал останува недопрено.
И додека алкохолот може да влијае врз тоа како ги толкуваме и разбираме емоциите на другите луѓе, не можеме да го обвиниме алкохолот за нашето неморално однесување.
Иако сте пијани, вие имате ист морален компас и сте одговорни за вашите морални и неморални постапки.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.