Не сме под непосредна закана од тероризам, заклучи Националниот комитет под водство на Павле Трајанов

Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам денес одржа конститутивна седница, со која претседаваше националниот координатор Павле Трајанов.

На седницата, којашто е прва по назначување на новиот состав, националниот координатор информираше за поставеноста и дејствувањето на Националниот комитет во кој се вклучени 22 институции, како и за соработката со Европската Унија, Советот на Европа, ОБСЕ, Меѓународната организација за миграција (ИОМ), амбасадите на САД, Холандија, Германија, Велика Британија и други, како и соработката со граѓанскиот сектор.

На седницата се расправаше за актуелната безбедносна состојба во Македонија, со посебен акцент на активностите за спречување на радикализацијата, насилниот екстремизам и тероризмот.

За актуелната безбедносна состојба обраќање имаше Габриела Јаковлева, директорка на Агенцијата за разузнавање, како и претставник од Агенцијата за национална безбедност.

За пост-пеналниот третман на повратниците од Сирија и Ирак зборуваше Александар Пандов, директорот на Управата за извршување на санкции.

За вклученоста на граѓанскиот сектор на планот на превенцијата информираше Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Општа е оценката дека Македонија е стабилна, а заканата од терористички напади е на ниско ниво.

Националниот комитет ги дефинира приоритетите и идните активности за спречување на радикалните појави, радикализацијата, насилниот екстремизам, како и борбата против тероризмот.

Пронајдете не на следниве мрежи: