Не стивнува наездата на змии во Скопје : Продолжуваат пријавите во ЦУК

Продолжуваат пријавите за присуство на змии во главниот град, на единствениот повикувачки број на ЦУК – 112. Имено, вчера, во 10:44 часот, било пријавено дека биле видени змии во дворот на ЈЗУ „Црниче“.

Од ЦУК информираат дека се барало итна реакција од соодветна институција за отстранување на проблемот.

Во 17:02 часот, имало уште една пријава за змија во дворот на Центарот за обука при Факултетот за безбедност – Скопје.

Притоа, од ЦУК ги насочуваат граѓаните, бидејќи не постојат специјализирани институции за вакви случаи, дека има физички лица, но и граѓански асоцијации за заштита на животните, кои можњ да им помогнат, во рамките на своите можности, за безбедно отстранување на змиите, други влекачи и слично, секако, по непосреден контакт и договор со нив.

– При прошетките во природа, може да се случи граѓаните да сретнат змии. Општо е познато дека змијата најчесто бега при средба со луѓе и доколку не е загрозена и уплашена, не напаѓа. Но, може да се случи, на пример, доколку случајно се згазне, наседне или кога се поминува брзо веднаш до неа, змијата да го касне човекот. Покрај тоа што е препорачливо да се носат соодветни обувки, облека и стапчиња за одење во природа, корисно е граѓаните да се потсетат и да се информираат за давање прва самопомош, поточно за начинот како се реагира, како да се имобилизира и да се третира каснатото место од змија. Се разбира, препорачливо е да се јават на 112, без разлика дали си самопомогнале или не – нагласуваат од ЦУК.

Каснувањето од отровна змија е итен медицински случај што мора веднаш да се третира. Доколку сте каснати, важно е да останете смирени и присебни, да не трчате и паничите, бидејќи тоа ќе предизвика отровот побрзо да се прошири низ телото. Доколку препознаете дека се работи за отровна змија, присутна на нашите простори, упатете се во најблиската медицинска установа што е можно поскоро или јавете се во Брза помош за да добиете противотров.
– Неопходно е да лежите или да седите мирно до пристигнувањето на Брзата помош или пристигнувањето во болница. Имобилизирајте ја раката или ногата каде што е раната од каснувањето за да спречите движење, што го забавува ширењето на отровот во лимфниот и во крвниот систем. Раката треба да биде поставена на ниво на срцето, а ногата да се држи подигната, што може да го намали отокот – порачуваат експертите.

Препорачливо е, исто така, да не чекате да се појават симптоми во случај на каснување, туку веднаш да побарате лекарска помош.
Не треба да се нанесува лигатура, бидејќи го спречува протокот на крв и може да предизвика некроза. Не треба да се сече раната со нож, ниту на кој било друг начин. Исто така, не обидувајте се да го исцицате отровот, не нанесувајте мраз и не потопувајте го местото на каснување во вода. Не пијте алкохол како аналгетик и не земајте лекови против болки (како аспирин, ибупрофен). Воедно, не обидувајте се да ја фатите змијата поради ризик од дополнителни каснувања.
Лекарите добро знаат да препознаат каснување од отровна змија, а за каснување од сите наши отровни змии се користи уникатен противотров.

Пронајдете не на следниве мрежи: