Не јадете многу, а постојано качувате килограми? Сево ова може да е причина за вашето здебелување!

За одржување на телесната тежина важен е избалансираниот однос помеѓу внесувањето на храна и трошење на енергијата. Но ако се храните здраво, тренирате и повторно имате проблем со покачување на килограмите, тогаш причината можеби се крие во нешто друго, а не во вашиот начин на живот. Иако наглото губење на телесната тежина најчесто се смета за опасно, наглото зголемување на телесната маса исто така може да биде алармантен знак упатен од вашето тело кон вас. Ако сте депресивни или не спиете доволно, токму тоа може да биде причината за качување на килограмите, или пак некој од следните 7 причини кои можат да допринесат кон нагло и неочекувано здебелување.


Депресија
Антидепресивите можат да предизвикаат зголемување на телесната тежина, но постојат докази и дека самата депресија може да предизвика зголемување на тежината. Едно истражување објавено во 2010 година во списанието “American Journal of Public Health“ открилo дека тажните и осамени лица повеќе се здебелуваат од оние лица кои не се во депресија. Се смета дека ова се должи на тоа што депресивните лица во просек јадат помасна и покалорична храна, и ги прескокнуваат физичките активности. Воедно, тие се склони кон емоционално прејадување.
Лекови
Различните лекови можат да имаат различно влијание на порастот на телесната тежина. Контрацептивните пилули, стероидите, бета-блокаторите или лековите за мигрена се само дел од лековите кои можат да предизвикаат нагло здебелување. Некои од овие лекови го зголемуваат апетитот и го забавуваат метаболизмот. Ако забележите дека користењето на одреден лек влијае на вашата тежина, зборувајте со вашиот лекар и замолете го да ви прeпише сличен лек, ако е тоа можно.
Бавен метаболизам
Ако имате проблеми со мрзеливи црева и бавен метаболизам, тоа би можело да биде причина за наглиот пораст на тежината. Нередовната столица, која често се јавува кај лица со бавен метаболизам може да укажува на дехидрација, намалено внесување на влакна или пак на реакција од одредени лекови. За подобрување на состојбата можете да се обидете да пиете повеќе вода, да внесувате храна богата со влакна и секојдневно да конзумирате пробиотици.


Недостаток на витамини и минерали
Причина за наглото зголемување на килограмите може да биде и недостатокот на витамини и минерали. Недостатокот на витамин Д, магнезиум и железо може да го загрози вашиот имунитет и да влијае на нивото на енергија, а со самото тоа и на вашата активност. Ако немате доволно енергија за здрав животен стил и вежбање, килограмите можат лесно да се зголемат. Направете крвна слика и проверете го нивото на витамини и минерали и прилагодете ја вашата исхрана според потребите.
Недостаток на сон
Кога не спиете доволно телото не може да функционира правилно, па на недостатокот на сон реагира така што го складира масното ткиво. Недостатокот на сон телото го перцепира како стрес, а кога телото е во состојба на стрес целиот метаболизам се пореметува. Така се создава магичен круг, недостатокот на сон предизвикува додатен стрес со кој многумина се справуваат така што јадат повеќе.


Менопауза
Во текот на менопаузата кај жените се забавува метаболизот, а некои од симптомите се депресија, лош сон и зголемување на апетитот. Естрогенот, хормонот кој меѓудругото помага во одржување на телесната тежина во менопаузата се лачи помалку, па од таа причина често се јавува зголемување на килограмите. Ако сте во менопауза обрнете особено внимание на исхраната и вежбањето.
Заболување
Постојат голем број на болести кои можат да предизвикаат нагло здебелување. Цистите ја јајниците можат да предизвикаат жените да се здебелат и до 15 килограми, и тоа во многу мал временски период. Проблемите со црниот дроб, бубрезите, срцето и тироидната жлезда исто така можат да бидат поврзани со здебелувањето. Доколку се сомневате дека имате некој од овие здравствени проблеми и сте забележале нагло зголемување на телесната тежина препорачливо е да посетите лекар.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.