НИЕ СМЕ ВО ВОЈНА, А ЈА СВИРКАМЕ БЕТОВЕНОВАТА ДЕВЕТА

Со дипломатски речник тоа значи: Ајде пиленца, исто како и со Грција, клекнете и ммммммм… Колку е вкусно! Банана сплит, Доктор Еткер! И аш, во Загрепската Декларација никаде немаше ни П за Проширување. Треба да разбереме дека резултатот од специјалната војна кој се води против нас може да биде поразорен од оружен напад и било какво бомбардирање од воздух и час поскоро да се мобилизираме… И обединиме, зошто да не? Непријателот е силен и опасен како што веќе наведов. Не смееме ниту под разно, ниту под било кое оправдување или уцена да дозволиме реализација и имплементација на оној фамозен Договор со Бугарија. Ниту пак, во најстрашен кошмар. Зашто оној миг кога ќе потпишеме дека македонскиот јазик е бугарски, дека нашата историја е бугарска, дека немаме македонско малцинство никаде во соседните држави, кој утре, во прекрасниот свет на ЕУ ќе ни поверува дека сме Македонци? Или нема ни да ни биде важно што сме, кога веќе ќе н# примат? Може и тоа, ако мислите дека по Европа ќе шета Господ во наредните сто години и ќе ни дели грантови и кредити за кикирики или што и да е? Но што ако се излажете во проценките? Што ако Господ ја напушти Европа како во 1914 година или како во 1939 година. Дали сте свесни на каков бришан простор ќе остане тогаш македонскиот народ без име, без јазик и без историја, заробен во држава мутант, без сувереност и без национална матрица, во заложништво на вековни непријатели? Не знам дали се разбираме воопшто? Нема зошто ние да им потпишуваме на Бугарите било што во врска со нашиот јазик, народ и историјата. Имаме право на самоопределување, без разлика што сме слаба алка меѓу европските држави. Тоа МОРА јасно да им го ставиме дознаење на сите. Кога некој постојано те праќа по цигари и те тера да скокаш на една нога за да се посмее, никогаш нема да те почитува. Треба да му покажеш дека имаш достоинство ако сакаш да те цени. На кој начин ќе му покажеш, тоа е друг муабет. Уште ги паметиме нашите баби и дедовци, нели? Никогаш не спомнале дека сме Бугари и дека зборуваме на бугарски јазик. Напротив. Секогаш имале негативен став кон тој народ поради лошите искуства што ги имале со него во Големата војна. Муабетот на таа тема секогаш бил: Кога бевме окупирани од Бугарите, кога се боревме против Бугарите, кога ги избркавме Бугарите, кога го ослободивме тој и тој град од Бугарите… Барем мене така ми зборувале моите баби и дедовци од таткова и мајчина страна. Е па, така не зборуваат луѓе кои мислат дека се Бугари кои зборуваат бугарски дијалект. Тоа значи дека имале македонска свесност и пред војната и се сметале за нешто различно од нив. Затоа да го ставиме прстот на чело, онака за промена, без целодневно кокодакање за ЕУ и животот во тој рај. Бетер од бројлерчиња. Да не ја направиме и таа глупост и уште повеќе да го исчистиме просторот за физичка поделба на Македонија во следниве дваесетина години. Тоа им е целта, откако ќе го срушат секој столб на македонскиот идентитет. Оти тие столбови се антитела на секој напад врз државата од надвор или внатре, ете ако сакате посликовит опис, близок актуелната живеачка. Оти исто е како неносење заштита во време на пандемија. Без народ, без јазик, без име, ти си совршена жртва на секој агресор. До кога само ќе ја свиркаме Деветата на Бетовен, како се околу нас да е песна?

Сашо Тасевски: А камо јастучници мила ЕУ?

 

Автор: Сашо Тасевски, ексклузивно за пулс24

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.