Никако да се навикнеме на новата нормалност – во просек по 400 казни дневно за неносење маски

Ако се суди според дневните информации од МВР за бројот на оние кои се казнуваат за неносење на овој тип лична заштита, казните не се проблем за граѓаните
Со Уредба на Владата, од 23 април годинава во земјава е задолжително носење лична заштита на лицето, при што граѓаните можат да бираат дали тоа ќе бидат маски, марами или шалови.
Обврската важи за надвор од домот односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично).
За непочитување, предвидени се глоби кои се од 20 евра за физички лица, 500 евра за одговорно лице во фирма до 2 000 евра во денарска противвредност за правно лице ако постапува спротивно на одредбите од член 3 од оваа уредба со законска сила.
Ако се суди според дневните информации од МВР за бројот на оние кои се казнуваат за неносење на овој тип лична заштита, казните не се проблем за граѓаните.
Статистиката за изречени прекршочни казни во овие десетина дена од септември, се движи од 408 до 437 казни во 24 часа. За претходниот месец, бројката има поголема променливост и се движи од 271 казна на 1 август до највисоката бројка од 501 на 21 август, ситуација слична и во јули.
Во јули е и последната група статистика што ја објавува МВР, односно од воведувањето на забраната до 14 јули, околу 30 000 граѓани се казнети за неносење маски.
Најголемата неодговорност и непочитување на мерката, МВР ја регистрира во јуни, кога дневните бројки се од 500 до над 1 100 казни за 24 часа. Рекордот е достигнат на 10 и 11 јуни кога биле изречени 1 143 и 1 068 прекршочни казни на 10-ти односно 11-ти јуни.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.