Октомври – месец посветен на борба против ракот на дојката
На глобално ниво, ракот на дојка претставува најчест малигнитет кој што се јавува кај жените. Следствено на тоа е и најчеста причина за смрт кај жените. Податоците укажуваат на тоа дека секоја осма жена во текот на својот живот ќе се соочи со ова заболување, а за позитивен исход од болеста најважно е рана детекција и навремен третман. За рано откривање на ракот на дојката од круцијално значење е самопреглед како и спроведување на скрининг кај највулнерабилната популација.
Иако може да се јави во било која возрасна група, сепак најчесто се јавува кај жени над 50 годишна возраст. Од вкупната бројка на заболени 75% се јавуваат кај жени над 50, а преостанатиот процент се јавува кај жени над 65 годишна возраст. Кај женската популација во Македонија ракот на дојката најчесто се јавува во возрасна група од 45-49 години и 55 до 59 години.
Во месец октомври, којшто е посветен на свесноста за ракот на дојката потсетуваме зошто самопрегледот на дојките, познавањето на симптомите кои укажуваат на рак на дојка како и превентивните прегледи значат живот. Податоците кажуваат дека повеќе од 90% од пациентите на кои им е дијагностициран рак на дојката можат да се излекуваат и да имаат квалитетен живот ако им се постави дијагноза во раната фаза.
Еден од најчестите симптоми на ракот на дојките е појава на грутка во ткивото на дојките, па секоја таква промена е битно да биде навремено дополнително иследена. Но постојат и други симптоми кои со чести самопрегледи би можело да се детектираат а упатуваат на можна малигна промена на градите:
- Оток или осетливост на градата, знак кој многу често знае да биде игнориран од страна на жените поради честото поврзување на промената со предменструалниот синдром
- Промена во текстурата на кожата- црвеникава површина со испакнатини, слични на кора од портокал
- Исцедок од брадавиците- зеленикав, жолтеникав или крвав
- Црвени дамки или модринки се знаци на воспалителен рак на дојката
- Промени во изгледот на брадавицата било во формата, големината или бојата (освен ако не се работи за бременост) се знаци за малигнитет на дојката
- Промена на големината или обликот на градите, а промената не е поврзана со промена на телесната тежина, бременост или предменструален синдром
- Темните дамки или невообичаените пеги на кожата може да бидат знак за ретка и поагресивна форма на рак на дојка, наречен воспалителен рак на дојка.
Познавањето на знаците и симптомите кои упатуваат на малигна промена на дојките е битно при самопрегледот на дојките, тоа дава можност за навремено нивно препознавање и соодветно реагирање. Како се прави самопреглед на дојките?
Чекор 1: Застанете пред огледало со рацете на колковите, на овој начин можете да ги видите двете дојки и било какви промени во однос на големината, формата, контурите.
Чекор 2: Кренете ги рацете над вашата глава, гледајте дали градите се движат на ист начин и нотирајте било какви промени во однос на големината, формата, контурите, бојата на кожата
Чекор 3: Спуштете ги рацете и прегледајте ги брадавиците на двете дојки и барајте промени на кожата, исцедок, вовлекување на брадавиците
Чекор 4: Легнете на грб, со перница под вашата глава, едната рака кренете ја и ставете ја под главата, а со другата со показалецот и средниот прст со нежни, кружни движења допирајте ги градите низ целата должина со цел да нотирате промени во текстурата, бојата, големината. Истото повторете го и на другата града.
Поради пораст на инциденца на јавување на ракот на дојката, од голема важност е спроведување на скрининг помеѓу најпогодената популација. Скринингот за рак на дојка претставува периодично правење на мамографија на здрава женска популација на возраст од 50-69 години, без присутни симптоми, со цел да се открие ракот на дојката во неговиот ран стадиум. Скрининот за рак на дојка во Македонија е финансиран од Владата од 2006-та година, кога со закон е пропишано дека секоја жена има право на бесплатен скрининг во државните болници.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.