Николовски избега од Ивица Коневски на Канал77

„Одбегнувањето на соочување со овие луѓе кои што му дадоа доверба доволно кажува за искрените намери на актуелното раководство и мислам дека на нив поважни им се нивните функции во партијата, нивната кариера, наспроти партијата во кој правец се движи, дали ќе оди во победи или ќе продолжи да стагнира и да реди порази“ му порача поранешниот градоначалник и член на Централниот Комитет, Ивица Коневски на актуелниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски.
Коневски кој е дел од иницијативата за одржување на вонреден конгрес смета дека е чесно и одговорно Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да излезе со отчет и барање на доверба од делегатите кои го избраа на конгресот во Валандово.
„ После сите овие премрежја кои што во изминативе три години ги помина новото раководство, оние порази кои што ги доживеа и на локални во Ново Село, во Штип, во Охрид, порази на претседателски избори, пораз и на последните парламентарни избори, мислам дека членовите кои го бираа претседателот Мицкоски заслужија да даде отчет пред нив. Сепак тие се најодговорни за тоа што тој е претседател на партијата и согласно статутот, Конгресот е највисок орган на партијата, со оглед на тоа дека конгресот го избра претседателот на партијата, мислам дека е чесно да пред тие луѓе излезе претседателот и целото раководство на партијата и даде отчет за сработеното во последните три години и даде образложение за сите оние изборни резултати кои што ги имавме овие изборни циклуси. Ние искрено веруваме дека може да дојде до вонреден конгрес, има и доволно време да превладее разумот кај актуелното раководство и мислам дека функциите нивни не треба да бидат поважни од успехот на партијата. Во секоја демократска партија во секоја демократска држава после толку изборни порази се дава отчет пред Конгресот кој е највисок орган на партијата и се дискутира за изборните порази. Неможам да се согладам дека Централниот Комитет е највисол орган во партијата, сите знаат дека членовите на ЦК ги бира актуелното раководство. Тие се стотина луѓе, кои што се на некој начин најблиски соработници и мислам дека согласно секоја логика и дел од тие членови кои што се претседатели на Општински Комитети имаат одговорност за поразите кои ги имаме во последните три години“, изјави Коневски во емисијата „Стадион“ на Канал 77.

Коневски ги отфрли тезите дека стари кадри кои загубиле на избори сега се обидувале да се промовираат како реформатори преку иницијативата.

„Не бевме поразени ние како луѓе туку беа поразени политиките на ВМРО-ДПМНЕ кои што за жал актуелното раководство продолжи да ги практикува и кои што не донесоа во понатамошни изборни порази. Што се однесува до кадровскиот потенцијал на партијата, Александар Николоски веќе 10 години наназад е член на Извршниот Комитет на партијата и повеќе, беше и пратеник и тој беше дел од предходното раководство и имаше високи партиски функции. Исто така и актуелните потпретседатели на партијата имаа високи партиски функции и во тоа време и ако ја земеме во предвид оваа теорија и тие беа одговорни за овие порази и немаат право да ја водат понатаму партијата. Има и повеќе градоначалници кои што се сега во Извршниот Комитет а изгубија на локалните избори. Така да таа теза не оди во прилог на вистината и не можам да се согласам со таа теза. За мене најважно е партијата да оди во победи. Христијан Мицкоски и ова раководство добија шанса да победат, добија шанса да ја однесат партијата вовистински правец, меѓутоа за жал не успеаа во тоа и за сите тие неуспеси чесно е да застанат пред очите и лицето на тие кои што им ја дадоа довербата да дадат отчет и да ја побараат довербата повторно, наспроти игрите политички за бирање на нови луѓе, за свикување на Конгрес со нови луѓе кои што тие ќе ги бираат и после тоа да ја бараат довербата од луѓе кои што тие ги поставиле. Мислам дека тоа не е чесно и тоа не оди во интерес на партијата туку оди во интерес на личните кариери на неколку луѓе кои што планираат да продолжат понатаму да ја користат бенефицијата од функцијата и ништо повеќе“ рече Коневски.

Коневски смета дека слабиот Мицкоски е единствениот што ја оддржува оваа Влада и Зоран Заев на чело на државата.
„Сите гледате дека луѓето немаат доверба во Мицкоски. Тој не може да ја предводи опозицијата и тоа го покажаа и последните протести кои што членството воопшто не ги поддржува и не го поддржува актуелното раководство. Нема кредибилитет едноставно тој човек ниту кај граѓаните на Република Македонија, оние кои што се неопределени, ниту кај членовите на ВМРО-ДПМНЕ, тоа се гледа и од сите анкети, ако партијата има одреден рејтинг тој има помал рејтинг од самата партија а има дупло помал рејтинг од Зоран Заев. Не може таков човек со дупло помал рејтинг од Зоран Заев, со дупло помал рејтинг од самата партијата да ја предводи опозицијата и да ја победи оваа власт за која што можам да кажам дека јас искрено сум незадоволен, која што води многу лоши економски политили, тргува со националните интереси и единствен начин за да се порази оваа влада е да си замине Христијан Мицкоски и да дојде човек во кого граѓаните ќе имаат доверба“ поентираше Коневски.

Извор: МЕДИА.МК

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.