Единственото решение за проблемот со превозниците чиј престој во ЕУ е ограничен на 90 дена, според министерот за транспорт и врски Александар Николоски, е склучување билатерални договори со секоја земја-членка одделно.
Транспортерите од земјите од Западен Балкан протестираа пред мисиите на ЕУ пред неколку дена, барајќи од Унијата да не им го ограничува престојот во Шенген зоната, објаснувајќи дека превезуваат стока, а не одат на туристичка посета.
На новинарско прашање што ќе преземе министерството по негативниот одговор од официјален Брисел, Николоски рече дека Унијата го кажала она што го кажувала со месеци.
„Мислам дека Брисел не одговори негативно, туку одговори на она што го кажуваме со месеци, а тоа е дека решението за ова прашање лежи во два правци, а тоа е дека ЕУ, во својата нова транспортна стратегија, ги призна превозниците како професионалци, а единственото решение се билатералните договори за долгорочни работни визи, кои веќе ги склучивме и ги склучуваме, и ова е единственото можно решение“, додаде Николоски.



