Миноски: Најдобро решение е Алта банка да се продаде

Продажбата на Алта банка на поголема домашна или реномирана странска банка е најдоброто решение за надминување на актуелната состојба и враќање на довербата кај граѓаните и компаниите. Ова го истакна Кирил Миноски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, оценувајќи дека институциите мора да дејствуваат брзо за да спречат дополнителни последици врз банкарскиот сектор.

Според него, ограничувањата за располагање со средствата на клиентите се привремена мерка со која се настојува да се спречи панично повлекување на депозитите. Сепак, предупреди дека ваквата состојба не може да трае неограничено, бидејќи директно влијае врз секојдневниот живот на граѓаните и работењето на компаниите.

„Најдобро решение во овој случај е да се изврши продажба на банката, на некоја постојна поголема банка која функционира во нашиот банкарски сектор или на некоја реномирана банка од регионот или Европа, која би ја презела Алта банка и сите права и обврски што произлегуваат од нејзиното работење“, истакна Миноски.

Тој смета дека ваквиот чекор би овозможил заштита на капиталот, но и побрзо воспоставување нормално функционирање на банката.

„Тоа е најбезболното решение со кое за краток временски период ќе се заштити капиталот на банката, а на сите депоненти ќе им се овозможи непречено располагање со нивните средства. Тоа е и краткорочно и долгорочно најдобро решение“, нагласи Миноски.

Како можни решенија ги посочи преземањето од страна на една од поголемите банки кои веќе работат во Македонија или влез на нова реномирана европска банка на македонскиот пазар.

Според него, доколку не се најде соодветен инвеститор во краток временски период, незадоволството кај клиентите дополнително ќе расте, а тоа може да ја наруши довербата и во останатите финансиски институции.

Миноски порача дека е неопходно институциите да понудат конкретен план за консолидација на банката, со јасно утврдени активности и рокови.

Пронајдете не на следниве мрежи: