Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вели дека скопскиот и охридскиот аеродром функционираат нормално и нема никаков застој во однос на снабдувањето со керозин. Дури, според Николоски, приштинскиот аеродром се снабдува со гориво од македонските снабдувачи, а и најголем дел од авиокомпаниите ги користат македонските аеродроми за да полнат гориво.
– Имаме зголемена потрошувачка на керозин на двата аеродроми, што е добро затоа што тоа влегува и во прометот во државата, влегуваат девизи, а дополнително и аеродромот во Приштина се снабдува преку нас. Ние никогаш не ставивме блокада на снабдувањето, иако други држави тоа го прават. Доколку го направевме тоа, ќе требаше да се затвори аеродромот во Приштина. Со самото тоа што го правиме ова, јасно е дека состојбата е добра, изјави денеска Николоски.
Според него, државава има резерви на керозин за 90 дена иако законски е да имаме резерви за 60 дена.
– Дополнително на дневна основа тоа се надополнува, така што снабдувањето оди редовно и затоа немаме ниту еден откажан лет од скопскиот и охридскиот аеродром, изјави Николоски.


