Николоски: Сè уште тврдам дека Албанија нема да стане членка на ЕУ во блиска иднина

Добро е што водиме достоинствена политика во однос на европските интеграции и не ја понижуваме нашата нација и држава. Не клекнуваме, туку водиме политика со достоинство. Ова го кажа вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со влезот на земјата во ЕУ, но и во врска со неодамна искажаниот став на премиерот Христијан Мицкоски дека е подготвен да чека со децении без уставни измени, што значи дека сегашната влада нема да попушти пред барањата за уставни измени доколку не добие јасни гаранции за процесот на европска интеграција.Ставот на земјата кон членството во Европската Унија, како што вели тој, е јасен и конзистентен.

„Правиме што е во наша моќ. Во Планот за раст сме далеку пред земјите во регионот, што ќе биде потврдено во новиот извештај што се очекува во јуни. Што се однесува до реформите, спроведуваме она што е потребно, но има сегменти каде што немаме влијание“, рече Николоски во емисијата „Само Интервју“ на „Канал 5“.

Според него, вистинскиот предизвик во целата ситуација не е Софија, туку недостатокот на јасна одлука меѓу главните европски центри за идното проширување на Европската Унија.

„Јасно е дека Софија не е единствениот проблем, туку дека е добар изговор да не се реши проблемот. Чекаме некои големи престолнини да одлучат дали сакаат проширување на ЕУ или не. Доколку има политичка волја, прашањето со Бугарија може да се реши во рок од едно попладне“, рече Николоски.

Во врска со неговата претходна изјава дека Албанија нема да стане членка на ЕУ во блиска иднина, Николоски рече дека сè уште стои на овој став, објаснувајќи дека тоа не се должи на недоволни реформи во Албанија, туку на неизвесноста во самата Унија во врска со проширувањето. Истото го мисли и за Србија и Црна Гора.

„Жалам што сум во право, бидејќи мојата намера беше да предупредам во вистинско време. Улогата на политичарите е да донесуваат одлуки врз основа на информации, но и да ја информираат јавноста за реалноста, за да може соодветно да се прилагоди“, додаде тој. 
The post Николоски: Сè уште тврдам дека Албанија нема да стане членка на ЕУ во блиска иднина appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: