Николоски: Ја почитуваме одлуката на Сиљановска-Давкова и ќе ги разгледаме укажувањата на Законот за заштита на децата

Го почитуваме ставот на претседателката, нејзина работа е да ја контролира законодавната власт во делот на усогласеност на законите со Уставот, порача вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски во гостување на ТВ Сител. Според Николоски, во Владата има подготвеност да се доработи Законот за заштита на децата, откако ќе ги разгледаат забелешките кои ги посочи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во образложението зошто не го потпишала указот.

„Би почекале да го видиме нејзиното образложение зашто кога претседател ќе врати одреден закон во Собранието, дава образложение во кој дел не се согласува со законот. И спремни сме да го доработиме законот во насока на нејзиното образложение и нејзините укажувања, така што, кога ќе ги имаме образложението и укажувањата, спремни сме овој закон да се врати во владина, а потоа и во собраниска процедура. Да се доработи согласно укажувањата и соодветно на Уставот исто така и да имаме закон којшто ќе ги исполнува уставните кротериуми, бидејќи јас сум убеден дека претседателката се водела од Уставот кога ја донела оваа одлука“, рече Николоски.

Од Владата претходно соопштија дека Законот за заштита на децата ќе биде доработен и вратен во Собранието, откако претседателката одби да го потпише указот. Според образложението на Сиљановска-Давкова, спорни се одредбите од членовите 9 и 10 од предлог-законот.

Во документот до кој дојде „360 степени“, претседателката вели дека посочените членови од законот треба да се преиспитаат низ призма на амандманот 5 од Уставот и постоечкиот закон за употреба на јазиците.

„Потсетувам дека начинот на употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо се веќе уредени со закон“, се наведува во образложението од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Од СДСМ ја поздравија нејзината одлука и побараа власта да се откаже од носење на измените на Законот за заштита на децата.

„Членот 9 и членот 10 од предлог-законот за измена којшто го предложи Владата значи воведување двојазични лиценци од областа на детската заштита. Спорно е што овој сегмент е регулиран со друг закон кој ја уредува употребата на јазиците, но и Уставот на државата. Со предложените измени на законот, власта ги враќа процесите назад, со воведување можност за полагање за стекнување со лиценца во хартиена форма наместо во дигитална. Ова отвора можности за злоупотреби, партизација и сомнителни доделувања на лиценци по партиски клуч“,велат од СДСМ.

СДСМ го поздравува потегот на Сиљановска-Давкова да не го потпише Указот на Законот за заштита на децата, бараат власта да се откаже од измените

Според ДУИ, станува збор за скандалозна одлука која претставува напад на двојазичноста.

„Ова е отворен напад врз албанскиот јазик и обид за поткопување на правата на Албанците во Северна Македонија! Но, ова не е изолиран чин, туку јасно координирана стратегија. Прво, лидерот на ‘Влен’, Африм Гаши, јавно настапи со изјава со цел да го подготви јавното мислење против албанскиот јазик и да создаде алиби за овој чекор, а веднаш потоа, разгорениот антиалбански национализам се активираше за да негира и напаѓа сè што е албанско. Ова е агресија против Албанците, во која ‘Влен’ свесно ја презема улогата на соработник,“ велат од ДУИ.

Пронајдете не на следниве мрежи: