Никој не го поддржува Законот за ветинг?! Собранието потврдува: Предлог законот е доставен во јануари 2020, не е дебатирано

Партиите на власт во моментов очигледно немаат намера да го поддржат барањето на првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, да се одржи ветинг за сите функционери и поранешни функционери во последните 30 години. Како и на секое прашање до лидерите на ВРЕДИ, одговорот е каде беше Ахмети 20 години што не го направи тоа. Вака одговори првиот вицепремиер Изет Меџити на прашањето дали ќе ја поддржат иницијативата за ветинг.

„Владата се фокусира на неколку точки. Една од нив е жестоката борба против корупцијата без етничка боја, без реваншизам и мислам дека тоа е доволно. Господинот Ахмети имаше 20 години да го направи ветингот“, рече Меџити.

За премиерот Христијан Мицкоски повикот на Ахмети повеќе личеше на хумор и сатира. За ова Ахмети го повика Мицкоски да го испроба и да види дали е така или не.

„Јас повикував на тоа не сега туку со години. Законот за ветинг е во фиоките на Собранието на РСМ, предложен пред четири години. Нека ги отворат фиоките, нека не пожолтуваат документите.“, вели Ахмети.

Но дали ДУИ навистина поднела предлог закон за ветинг? Собранието не извести дека тогашниот интегратист Артан Груби на 31 јануари 2020 година поднел предлог закон за формирање Агенција за контрола на носители и кандидати за носители на јавни функции. Но, за овој предлог закон никогаш не се расправаше во матичната комисија, комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

-Предлогот на закон е ставен на дневен ред на 131 седница, на 4 февруари 2020 година, при што е изгласана потреба за негово донесување по скратена постапка и е испратен на понатамошна постапка во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, како матично работно тело, и во Законодавно-правната комисија. Предлогот не е разгледан во матичната Комисија до 16 февруари 2020 година, односно до распуштањето на собранискиот состав 2016-2020“, изјавуваат од Собранието.

Но, што точно содржеше предлог законот за ветинг? ДУИ имаше предвидено за сите носители на јавни функции, но и за кандидати за функции, прво да се добие потврда од Агенцијата што требаше да се формира за контрола на функционери. Планирано беше да се проверат претседателот на државата, пратениците, министрите и замениците министри, градоначалниците на општините, судиите, обвинителите и многу други. Оваа агенција би требало да собира и анализира податоци од МВР, Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување, Агенцијата за катастар, депозитниот центар за хартии од вредност, податоци од трансакцискиот регистар, Централниот регистар, Царинска управа , Министерство за труд и социјална политика, Државно тело за ревизија, Народна банка, Министерство за економија, Кривичен суд, обвинителство и други институции за кои Агенцијата смета дека треба да добие податоци. Беше предвидено буџетот за Агенцијата да го обезбеди Владата. Агенцијата беше предвидено да има директор и заменик директор, кои требаше да ги избере комисијата за избори и именувања во Собранието, бидејќи кандидатите претходно ќе конкурираа на конкурс. Предлогот на законот беше поднесен во тоа време со потреба да се донесе по скратена постапка.

Пронајдете не на следниве мрежи: