Никој не чувствува одговорност за „бегството“ на Мијалков

Не само што никој не чувствува одговорност, туку надлежните тврдат дека биле ажурни и се горди на епилогот во „случајот Сашо Мијалков“.
Денеска ексдиректорот на УБК треба да ја слушне пресудата за предметот „Таргет-Тврдина“ во кој е обвинет, а со што се поврзуваше неговата недостапност за полицијата во неделата навечер, сѐ до попладневните часови во понеделникот. Нему му е определен куќен притвор и 24-часовен видео и аудионадзор, но бидејќи МВР нема услови за тоа, околу куќата на семејството Мијалкови на Водно се распоредени 20 полицајци, кои деноноќно ја обезбедуваат локацијата каде што тој го минува домашниот притвор. Денеска ќе се знае дали Мијалков ќе биде слободен или ќе заврши во затворски или во домашен притвор до правосилност на пресудата.
Џолев: Судот беше ажурен
– Предлогот за притвор на Сашо Мијалков стигна во Судот во неделата во 15 часот, а одлуката е изготвена во 18:30 часот. Тоа се, сè на сè, три и пол часа, така што Судот постапи апсолутно ажурно – одговори вчера претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, на новинарско прашање дали Судот задоцнил со предлогот за притвор.
Тој појасни дека Кривичниот суд, според законот, за ваква одлука има рок од 24 часа.
– Сите познавачи на судството во Македонија ќе ви кажат дека Судот одлучувал во најбрз можен временски период. Сметавме дека е итно да се постапи и така е постапено – рече Џолев.
Министерот за правда, пак, Бојан Маричиќ рече дека е исклучително задоволен и горд за позитивниот епилог.


– Попусто би говореле за реформи и законски измени доколку го вртиме грбот на она што се случува на терен. Иако не се под директна надлежност на Министерството за правда, силно сум засегнат од последните случувања изминативе денови што ја разбрануваа јавноста и за момент ја поткопаа довербата во институциите. Исклучително сум задоволен и горд што настанот имаше свој позитивен епилог, и добро е што посебен обвинител, назначен од државниот јавен обвинител, ќе испита дали, кој и во кој дел потфрлил во однос на наводите дека одредено лице се подготвува за бегство – истакна Маричиќ.
Тој нагласи дека е поборник на ставот дека со конкретна акција и одговорност може да има враќање на кредибилитетот и довербата во институциите.
Немало информации за празнење сметки
Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство ниту вчера не кажаа дали го откриле лицето кое му дојавило на Мијалков дека му се подготвува апсење.
Во ОЈО за организиран криминал велат дека кај нив не пристигнале информации од Управата за финансиско разузнавање во врска со повлекување средства од домашните банки или за евентуален трансфер на пари во странство, на прашањето на порталот „Фактор“, дали поранешниот шеф на тајната служба се обидел да повлече пари од сметките за евентуално бегство од земјава. Управата за финансиско разузнавање не одговорила на истото прашање, со образложение дека станува збор за класифицирани информации.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.