Нинџа пропеа од А до Ш: Од штабот се водеше целиот тек на настаните на 27 април

Нинџа пропеа од А до Ш: Од штабот се водеше целиот тек на настаните на 27 април

Александар Василевски-Нинџа во своето сведочење денес пред обвинетите Трајко Вељаноски, поранешен претседател на Собранието, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, и Владимир Атанасовски, бивш директор на УБК, ја раскажа својата верзија за тоа што претходело и што се случувало на денот на крвавите настани во законодавниот дом во 2017.

Нинџа со првостепена пресуда е осуден на 8 години за твор во најобемниот судски процес за тие настани. Откако денес во улога на сведок раскажа што претходело на 27 април, тој зборуваше и за критичниот ден.

„Во 17:30 часот ми се јави Спиро Ристовски и ме повика во штабот. Околу 17:45 часот ми се јави и Сашо Мијалков, кој ме повика и рече ‘дојди во база’. Околу 18:30 часот со Веле Петрушевски се упатив во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Влеговме преку гаражата ‘Тодор Александров’.

Веле остана во бифето, а јас се качив на 8. кат. Кога влегов во салата за состаноци, таму беа Митко Чавков, Кирил Божиновски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и поранешната заменик-министерка за правда Билјана Бришковска.

Сите зборуваа на телефон, беше вклучен телевизор на ТВ Нова, се гледаше преносот од пред Собрание. Чавков ме погледна во стил „што бараш тука“. Јас реков дека го чекам директорот, мислев Мијалков ќе го најдам таму, но не го видов.

Седев до Чавков, носеше тренeрки, патики и елече, отспротива беше Кирил Божиновски, двајцата министри беа во фармерки. Како што се движеше толпата пред Собрание така почнаа да координираат. Тоа беше оперативен штаб каде што се издаваа наредби, рече Нинџа.

За Чавков рече дека разговарал со двајца началници и им рекол да дејствуваат пасивно. Миле Јанакиески разговарал со Крсто Муковски, а Спиро Ристовски со Богдан Илиевски-Бетмен. Билјана Бришковска, пак, како што рече, била на директна линија со Трајко Вељаноски.

„Беше разочарана дека некој не ја завршил работата внатре, не предизвикал ин цидент. Зашто пратениците како Антонио Милошоски, Борис Змејковски, Илија Димовски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов не предизвикале инцидент и не ја завршиле работата…

Бришковска му даваше насоки на Трајко Вељаноски да се отворат вратите, знам дека разговараше и со Илија Димовски и Никола Тодоров. А Трајко Вељаноски ја известуваше за тоа што се случува внатре“, зборуваше Нинџа.

Во штабот дошол и Владимир Атанасовски, со кого излегле заедно. Атанасовски му кажал дека им рекол на Јане Ченто и на другите кои биле во ресторанот „Дион“ да одат кон Собранието, а на Нинџа му дал насока да оди пред Собранието и да известува.

Пред Собранието бил и Горан Грујевски, началник на Петтата управа во УБК, а дошол и Никола Бошкоски од УБК, кој беше опфатен во истрагата за овој предмет, но не беше поднесено обвинение за него бидејќи е во бегство.

Пред Собранието, како што тврди Нинџа, му кажале дека шефот на кабинет на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, Борис Јосифовски, бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ и кажал дека ќе се прогласи воена состојба.

„Околу 8:15 часот почна да дејствува полицијата. Горан ми рече ова не е на арно. Му се јавија и му рекоа дека под притисок на странски фактор воена состојба нема да има“, рече Нинџа.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.