Ниту еден сведок не сведочеше на рочиштето за Пулс, реагираа адвокатите на одбраната

На денешното судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани не сведочеше ниту еден од петмината сведоци. Двајца од сведоците што ги имаше предложено Обвинителството не можеле да сведочат поради траумите од кобната вечер, со двајца Обвинителството не успеало да исконтактира, а еден бил на студии во Бугарија.
На предлог на Обвинителството прифатено е за двете девојки кои не можеле со сведочење да ја поминуваат повторно кобната ноќ, да им се направи психијатриско вештачење и да се процени дали може да сведочат на суд. Во спротивно да бидат прочитани нивните изјави што претходно ги имаат дадено во Обвинителството.
За двете лица со кои Обвинителството не успеало да стапи во контакт, судот прифати да им бидат испратени покани.
Адвокатите на обвинетите реагираа поради неприсуството на сведоците на Обвинителството и бараа нивно присуство со образложение дека и обвинетите се под стрес но присуствуваат на рочиштата.
На денешното судско рочиште беше прочитан исказот даден во Обвинителството од поранешниот менаџер на групата ДНК Денис Даутовски кој не е достапен за органите на прогонот.
Во исказот, Даутовски вели дека за поставувањето на опремата бил задолжен сега починатиот Филип Стевановски, а осветлувањето било препуштено на сопствениците. Во однос на прскалките, Даутовски вели дека Панчо во првиот наврат кога почнале да ги користат, набавил кутија со осум правоаголници со деветволтна батерија во која требало да се постават патрони, кои потоа со далечинско биле активирани.
– Не ми е познато од каде ја набавил оваа кутија, но знам дека ја носеше во своето возило. Претпоставувам дека прскалките ги набавил од истото место кое мене ми го посочи… Откако беа набавени, јас лично ги видов дека ги поставуваше Мартин Буцо, а претходно ги поставував и јас… Прскалките ги активиравме истовремено, бидејќи далечинското имаше само едно копче. Мислам дека при договарање на настапите, внесот на прскалките беше најавуван кај сопствениците на локалот, но дали било пријавувано до надлежниот орган, не знам, вели Даутовски во исказот.

Пронајдете не на следниве мрежи: