„Претседателот на СДСМ на различни места кажува различни информации. Последната која што ја добив е дека на едно место пред некој ден кажал дека Радмила Шекеринска сега ќе била кандидат за претседател. Имајќи во предвид дека таа како претседател на СДСМ го има досега убедливо најслабиот изборен резултат што го имала СДСМ“, рече Мицкоски
Поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска вечерва во изјава за ТВ 21 го демантирашe Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој претходно рече дека имал информации дека Ковачевски зборувал оти токму таа ќе биде кандидатот од СДСМ за иден претседател на државата.
Шекеринска ги отфрли шпекулациите на Микоски како невистинити.
„Ниту сум била, ниту ќе бидам. На сите тоа им е јасно“,
рече таа.
На прашањето кој противкандидат од СДСМ би им одговарал на ВМРО-ДПМНЕ во трката за претседател, Мицкоски за истата телевизија претходно рече дека изминатиот период од владејачката партија секојдневно стигале чудни, но и различни информации, а како една за кои слушнал е дека Ковачевски кажал дека Радмила Шекеринска ќе била кандидат за претседателските избори од редовите за СДСМ.
„Од СДСМ стигаат некои чудни информации, тонови, различни, во зависност од времето во денот, наутро една, попладне друга, навечер трета информација. Претседателот на СДСМ на различни места кажува различни информации. Последната која што ја добив е дека на едно место пред некој ден кажал дека Радмила Шекеринска сега ќе била кандидат за претседател. Имајќи во предвид дека таа како претседател на СДСМ го има досега убедливо најслабиот изборен резултат што го имала СДСМ. Тоа за нив што сега изгледа дека е слаб резултат, за изборите би бил нешто што да можат да го вратат времето би го посакувале. Како најслаб резултат е околу 200 илјади гласа на СДСМ, но мислам дека овој пат ќе одат многу подоле“,
вели Мицкоски.
Политичките партии се договорија парламентарните избори да бидат на 8 мај, заедно со вториот круг претседателски избори.