Оценката на евроамбасадорот е дека земјава е способна брзо да ги спроведе потребните реформи и да ѝ се приклучи на Унијата, но за тоа, како што рече, е потребна апсолутна политичка одлучност. Она што е потребно, вели Гир, е над политичките поделби да се рече „ова е нашиот национален проект, сакаме да ѝ се приклучиме на Унијата до тогаш, и ќе направиме чекори за да стигнеме до таму“
Прашањето за уставните измени е непроменето и ќе биде нешто кое новата влада ќе мора да го реши директно, порача евроамбасадорот Дејвид Гир во вечерашното гостување во емисијата Топ Тема на ТВ Телма прашан за усвојувањето на уставните измени како услов за продолжување на пристапниот процес.
Oсврнувајќи се на постигнатиот договор со официјална Софија со кој земјава се обврза на уставни измени за вклучување на Бугарите, Гир вели дека овој дел од договорот е непроменет и оти новата влада ќе мора да го реши.
Евроамбасадорот не ја исклучува можноста новата влада повторно да преговара со Бугарија, но додава:
„Oтсекогаш велев дека имаме договор којшто беше постигнат со големи тешкотии, тешко ми е да замислам дека би било можно да се пронајде подобар договор, и не гледам можност за промени во Преговарачката рамка.“
Во овој контекст, Гир порача дека владата мора да се вклучи и да размисли како понатаму ќе постапува по ова прашање, фокусирајќи се на клучната цел – земјата одлучно да напредува кон Европската Унија.
„Тоа е најдобриот начин, не само да го обезбеди својот просперитет, демократска средина, но исто така и ќе го зајакне својот идентитет, нешто што го видовме кај многу други земји членки, кои во процесот на приклучување мораа да направат тешки одлуки. Мислам дека сега прашањето е да се напредува по ова прашање и фокусирање на реформите и чекорите кои мораа да бидат преземени да се осигураме дека оваа држава навистина ќе може да ги ужива придобивките од членството во ЕУ најбрзо што може“,
додаде Гир.
Оценката на евроамбасадорот е дека земјава е способна брзо да ги спроведе потребните реформи и да ѝ се приклучи на Унијата, но за тоа, како што рече, е потребна апсолутна политичка одлучност. Она што е потребно, вели Гир, е над политичките поделби да се рече „ова е нашиот национален проект, сакаме да ѝ се приклучиме на Унијата до тогаш, и ќе направиме чекори за да стигнеме до таму“.
„Постои една генерална мрачна атмосфера, чувство дека ‘стативата’ е поместена, дека ништо не може да се постигне. Не е така, ова е мала земја, вие не почнавте од нула, всушност започнавте од значителни достигнувања, вклучувајќи го и Договорот од Преспа, значајни достигнувања во многу полиња кои можат да бидат надградени. Ја имате потребната сила во вашата администрација да го исполни тоа, тоа може да се случи. Чекорите напред се остварливи и се практични, но тоа што е потребно е апсолутна политичка одлучност“,
истакна Гир.