Зборувајќи на промоцијата на новата книга на потпретседателот на “Нова демократија“, Костис Хаѕидакис, Мицотакис повтори дека најголемата грчка опозициска партија, чиј лидер е тој, останува на позицијата дека нема да гласа за Договорот од Преспа и ќе се бори да не се ратификува.
-Рековме дека не можеме, во никој случај да прифатиме договор кој на соседната земја и отстапува македонски јазик и македонска националност. Се плашам дека апсолутно беше оправдана оваа наша критика и остануваме строго посветени на оваа наша позиција. Ќе гласаме против Договорот од Преспа, кога и да дојде во грчкиот Парламент и ќе се бориме за овој договор да не се ратификува – објасни Мицотакис.
Првиот човек на “Нова демократија“ рече дека со Договорот од Преспа, Ципрас и Каменос го дале она што сите претходни влади рекле НЕ- македонски јазик и македонска националност.
-Денес само господинот Заев има секаква причина да го промовира и да слави за овој договор, бидејќи успеа и доби нешто што ниту една претходна влада не му даде. Едноставно кажано, господинот Ципрас и господинот Каменос, не сакам да го заборавиме него, рекоа „да“, таму каде што Константинос Мицотакис, Костас Караманлис и Андонис Самарас рекоа „не“. И рекоа „не“ поради една многу добра причина. Поради многу конкретна причина. Бидејќи ги гледаа екстензиите што можеше да ги создаде во нашата земја јасното прифаќање на македонски јазик и македонска националност. Ние имаме многу јасен став. За овој став не може да се преговара и со овој став ќе дојдеме во парламентот кога ќе стигне за ратификација договорот – истакна Мицотакис за време на синоќешната презентација на книгата на неговиот потпретседател и сопартиец, Костис Хаѕидакис, пренесе дописничката на МИА од Атина.