“Нова демократија“ нема да гласа за Преспанскиот договор, повтори Мицотакис

Зборувајќи на промоцијата на новата книга на потпретседателот на “Нова демократија“, Костис Хаѕидакис, Мицотакис повтори дека најголемата грчка опозициска партија, чиј лидер е тој, останува на позицијата дека нема да гласа за Договорот од Преспа и ќе се бори да не се ратификува.
-Рековме дека не можеме, во никој случај да прифатиме договор кој на соседната земја и отстапува македонски јазик и македонска националност. Се плашам дека апсолутно беше оправдана оваа наша критика и остануваме строго посветени на оваа наша позиција. Ќе гласаме против Договорот од Преспа, кога и да дојде во грчкиот Парламент и ќе се бориме за овој договор да не се ратификува – објасни Мицотакис.
Првиот човек на “Нова демократија“ рече дека со Договорот од Преспа, Ципрас и Каменос го дале она што сите претходни влади рекле НЕ- македонски јазик и македонска националност.
-Денес само господинот Заев има секаква причина да го промовира и да слави за овој договор, бидејќи успеа и доби нешто што ниту една претходна влада не му даде. Едноставно кажано, господинот Ципрас и господинот Каменос, не сакам да го заборавиме него, рекоа „да“, таму каде што Константинос Мицотакис, Костас Караманлис и Андонис Самарас рекоа „не“. И рекоа „не“ поради една многу добра причина. Поради многу конкретна причина. Бидејќи ги гледаа екстензиите што можеше да ги создаде во нашата земја јасното прифаќање на македонски јазик и македонска националност. Ние имаме многу јасен став. За овој став не може да се преговара и со овој став ќе дојдеме во парламентот кога ќе стигне за ратификација договорот – истакна Мицотакис за време на синоќешната презентација на книгата на неговиот потпретседател и сопартиец, Костис Хаѕидакис, пренесе дописничката на МИА од Атина.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.