НОВА КНИГА: Кралеви од улиците

Осврт кон еден нов роман за македонските улици, затворски ходници и влијанијата на дрогата!!

Деновиве во македонскиот литературен етер се појави романот „Кралеви од улиците“. На безмалку 100 страници (98 страници, А5 формат), приказната во него изобилува со дрога, маалски живот, со емоционални односи, затвор и затворенички живот, погрешни размислувања, и сите оние глупости во кои може да западне младиот човек. Преку дејствијата на главниот лик романот ги доловува вредностите во животот и истите ги преиспитува, а приказните во него се приземјени и сведени на реалниот живот. „Кралеви од улиците“ иако изобилува со шеги, е експлицитен и сериозен роман, и начинот на кој е напишан сосема се вклопува во времето во кое живееме денес. Се состои од три дела: првиот е запознавање со ликовите и нивниот начин на живот, вториот навлегува подлабоко во приказната и на некој начин е кулминација на дејствијата, додека третиот го опишува животот во затворите и ја појаснува кулминацијата од вториот дел. Иако навидум малечка книга, во неа има илјадници приказни кои го покажуваат начинот на кој живее младиот човек во отсуство на правила и закони. Можете да го купите преку https://kupikniga.mk/product/kralevi-od-ulitsite/ а со цел да биде достапен за сите романот се продава по супер цена од 339 денари (испораката до дома низ цела Македонија е вклучена во цената).
Без помпа, без официјална промоција, „Кралеви од улиците“ е роман кој претендира да ја покаже суровата реалност на македонското општество. Авторот Александар Ковилоски, е долгогодишен работник во секторот за ресоцијализација на КПД „Идризово“. Автор е на повеќе книги од стручната литература, на осуденичкиот весник „Искра“ кој го создава заедно со осудените лица, и на повеќе програми од областа на затворската проблематика. Ова е неговиот прв роман.

Извадок од романот:
„ Моето маало е мешавина од гето, слам, а богами делумно и од село. Се состои од две главни улици околу кои се наредени ситни зградички, куќарки, продавнички, кафе-барови и слични објекти. Сето тоа во деминутив, да одговара со финансиската состојба на жителите од маалото. На периферијата од населбата се наоѓа водоводот кој е одделен од централната градска водоводна мрежа поради не знам кои причини. Во центарот се наоѓа основното училиште. Мајка му на Томи вели дека сакала да живее тука поради фактот што училиштето е знак дека ова место нема никогаш да умре, дека има младина, а со тоа и иднина во него. Ѝ велам да не ме замара со глупости.
Доаѓаме до паркот – најубавото место на светот. Тоа е мало паркче во центарот на населбата, кое е создадено за релаксација, и комплетно ја исполнува својата цел. Сите си имаат свој термин во него. Старците попладне играат шах, бабите нешто оговараат… доволно е да им кажеш дека им почнала турска серија на ТВ и паркот ќе се испразни за секунда. Си видел ли баби да трчаат? Е не си видел. Навечер младите пуштаат гласна музика од своите автомобили, викаат, пијат, дуваат, се тепаат… Утрото, пак, е резервирано за младите мајки кои ги шетаат бебињата и малите деца низ трагите од засушена крв. Можам да упатам секакви критики до моето маало, но кога си млад да слушнеш негативни зборови за паркот и за маалскиот кош во него е еднакво на ерес.
Луѓето што доаѓаат кај мене на гости се чудат на отсуството на општествена одговорност во овој крај. Сè се случува толку отворено што секој посетител отстрана може да се стаписа од глетките на автомобили што собираат проститутки, стари наркомани на детските игралишта, на пијани деца што се тетерават и лежат на улицата… Јас живеам на втората улица, која се вика „Кралеви од Македонија“. Мојата куќа е плански градена, така што го има истиот лик како и уште десетина во околината, и секоја од нив има мал двор и тераса. Некаде во центарот помеѓу овие куќи стои единствената улична светилка во маалото што не е искршена. По малите споредни улички се движат дилери на дрога кои поради високите ѕидови помеѓу куќите не можеш да ги видиш.
Во моето маало нема добри коли како во вашите „гета“. Нема скапи трговски центри, убаво уредени булевари, банки, спортски центри. Освен едно основно училиште, нема ни државни институции. Нема социјални работници, правници, лекари, религиозни заедници, културни активности. Само обични луѓе кои се обидуваат да сврзат крај со крај до следниот месец. А крајот не се сврзува, па врие од кражби, разбојништва и дрога. Причината за криминалот е едноставна, ако сакаш вистински да ја разбереш. Ако навистина го сакаш тоа, тогаш…
Добредојде во моето маало.“

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.