Нова паравоена формација ќе му биде конкуренција на Вагнер |

Паравоената формација „Конвој“ беше формирана на Крим и, според западните разузнавачи, наскоро би можела да стане главен играч во војната во Украина.

Гувернерот на Крим Сергеј Аксјонов – еден од блиските луѓе на рускиот претседател Владимир Путин кој од 2014 година ја предводи проруската локална власт на Крим од крајот на минатата година во својата биографија ја додаде и улогата – основач на паравоената група „Конвој“.

„Знаеме како да ја постигнеме нашата цел, знаеме што е потребно. Мора да бидеме заедно. Мора да изразиме единство во нашата поддршка за лидерот, армијата и одлуките што се носат“, изјави Аксјонов.

Според западните разузнавачи, поради продлабочувањето на несогласувањата меѓу паравоената формација Вагнер и Кремљ, Русија се обидува да стимулира формирање нови платенички групи.

Западните разузнавачи тврдат дека „Конвој“ располага со околу 300 ловци, со тешка опрема и современа разузнавачка опрема. Обуката на платениците му била доверена на поранешен командант од „Вагнер“. Се тврди дека, освен на територијата на Крим, членовите на „Конвој“ веќе дејствуваат и во херсонската област.

„Во нашата земја има вистински мажи кои во секој момент, секој ден ја исполнуваат својата должност. Ова е должност што сите ние мора да ја исполниме“, изјави гувернерот на Крим Сергеј Аксјонов.

Платата во „Конвој“ е 2.500 долари месечно, вели поранешен војник на оваа воена групација додавајќи дека оние што ќе служат цела година добиваат дури и земјиште на Крим или во областа Абхазија.

Создавањето паравоени групи во Русија не е ново. Во Украина, освен „Вагнер“, дејствува и милицијата на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров. Заедничко за овие паравоени групи е тоа што нивните основачи се влијателни луѓе во Русија – политичари или бизнисмени. Пред да влезе во политиката, Серхиј Аксјонов, роден во Молдавија, имаше бизнис на Крим. Се вели дека имал врски со подземјето.

Според западните разузнавачи, во моментов нема конкуренција меѓу „Конвој“ и „Вагнер“. Претпоставките на аналитичарите се дека во оваа фаза Кремљ ќе се обиде да ги искористи предностите на двете групи. И најверојатно, додека напорите на Вагнер се насочени кон заземањето на Бахмут, борците на Конвој ќе бидат испратени во други области на украинскиот фронт.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.