Новинарката Уневска е резигнирана поради односот на Агенцијата за филм кој не ги поканил единствените две македонски новинарки на премиерата иако биле присутни во Берлин.
Плакат за светската премиера на „17“ на Берлинале
Новинарката Сунчица Уневска како една од единствените две македонски новинарки присутни во Берлин на „Берлинале“ не била поканета на премиерата на филмот „17“ на Косара Митиќ во продукција на „Црна мачка“ предводена од Томи Салковски, пренесе Sloboden pecat .
Во средата на 18 февруари деби-филмот на македонската режисерка Косара Митиќ- „17“ ја имаше својата премиера на 76. издание на филмскиот фестивал Берлинале. Филмот е инспириран од вистинит настан кој се случи во 2016 година на граничниот премин Табановце кога студентка од Скопје го фрли во корпа за отпадоци своето живо родено бебе. Новинарката Уневска е резигнирана поради односот на Агенцијата за филм кој не ги поканил единствените две македонски новинарки на премиерата иако биле присутни во Берлин.
Во Берлин имаше само две македонски новинарки, кои следат и известуваат од фестивали најмалку 20 години. Кој би бил вистинскиот збор во оваа ситуација? Македонските новинари не пишуваат „афирмативно“, не пишуваат како што од нив се очекува, не се однесуваат со поддршка, не ја претставуваат својата земја или…, како и да е, веројатно не се подобни. Заради тоа, тие не беа добредојдени на премиерата на филмот „17“ на Косара Митиќ и не добија покани да присуствуваат и известуваат од истата, пишува Уневска.
А што, всушност, значи тоа, прашува таа.
Дека не пишуваат како што треба или не пишуваат онака како што некој во Македонија мисли дека треба и си мисли дека може да нè научи на ред. Па нели, не може сега ние тука да си пишуваме што сакаме. После дваесетина години известување има филмаџии кои мислат дека не знаеме како треба и не го правиме тоа во нечиј интерес. Тогаш зошто би нè викале? Значи, да резимираме. Ние, двете новинарки кои бевме на Берлинале не бевме поканети на нашата премиера односно на светската премиера на македонскиот филм „17“ на Косара Митиќ, а во продукција на „Црна мачка“ предводена од Томи Салковски. Официјално, ниту на премиерата, ниту на коктелот, значи ниту од страна на продукцијата, ниту од страна на Агенцијата за филм. Од Агенцијата ни објаснија дека имале проблем со карти…
Така што, резултатот е дека иако бевме таму ние не можеме да известуваме од премиерата затоа што не бевме дел од неа. Филмот го видовме на прес-проекција на која што салата беше половина наполнета, а од проекцијата излегоа неколку луѓе. Во списанијата не сме прочитале ништо за тоа како поминала премиерата, бидејќи сепак ова не е Главната програма и одгласот е малку поинаков. Со други зборови, за нашата публика главното известување од премиерата треба да биде од домашните новинари. Но, бидејќи ние никако да се научиме на ред – како се пишува „подобно“ – тогаш известување од главниот настан на Берлинале за нас нема, напиша таа на сајтот Филм Плус.


