Нови рочишта за „Тарифа“, „Труст“, Титаник 2“ и „Триста“

Во Кривичниот суд за денеска се закажани нови рочишта за предметите на СЈО „Тарифа“, „Труст“, Титаник 2“ и „Триста“.

На обвинителна клупа ќе седнат поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица, обвинети во случајот  „Тарифа“ за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“, вреден околу четири милиони евра.

Според обвинението на СЈО, обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.

Ново рочиштето денеска треба да се одржи и за случајот „Труст”, во кој обвинети се бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет”, „Силекс” и „Вато” ДООЕЛ од Студеничани за учество на тендер на ЕЛЕМ.

Според обвинителите на СЈО, обвинетите Сеад Кочан, Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ, како и фирмите „Трансмет”, „Силекс неметали” и „Вато” злоупотребиле приближно 1.060.000.000 денари, одосно 17 милиони евра, пари на граѓаните. Според доказите, обвинителите од СЈО ќе докажат дека со куп невистинити документи, се погазени принципите на здравата конкуренција и се изиграни правилата на јавните набавки.

За денеска е закажано ново рочиште и за предметот „Триста“ на СЈО, во кој е обвинет Ѓоко Поповски поранешен помошник-министер во МВР за набавка на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи.

Според обвинителниот акт, Поповски со набавката го оштетил буџетот на државата за сума од 453.570 евра.

Специјалното јавно обвинителство тврди дека Поповски тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на фирми кои немале најевтина понуда.

Во Судот денеска е закажано судење и за предметот „Титаник 2“ во врска со изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година

Според „бомбите“ што ги објави опозицијата, поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и лидерот на ДПА, Мендух Тачи се договарале за гласање во однос на поднесени приговори до ДИК.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.