Нови шест инциденти за време на гласањето

МВР информира дека се регистрирани нови шест нови инциденти за време на референдумското изјаснување по претходно евидентираните 13.
По добиена пријава од Општинската изборна комисија дека во основното училиште „Кочо Рацин“ во Скопје девојка која гласала со пенкало на кое имало камера, го сликала гласачкото ливче или присутните во просторијата, полициски службеници излегле на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
По добиена пријава дека во околината на основното училиште „Песталоци“ во Скопје се попречувале граѓаните кои оделе на гласање и биле фотографирани, полициски службеници излегле на местото на настанот и по преземени мерки било утврдено дека се работи за лицето С.Ч.(28) од Скопје. Таа била приведена во Полициската станица Центар за понатамошна постапка.


Според МВР, по добиена пријава дека на гласачкото место 2664 во основното училиште „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје во 13:05 часот едно непознато лице фотографирало ливче на друго лице, по што го напуштило гласачкото место преземени се мерки и активности и во Полициската станица Кисела Вода се повикани лицата И.Т.(28) и Ѓ.Г.(36), двајцата од Скопје.
Во 12:45 часот било пријавено дека на гласачко место бр.2436 во с. Грчец било прекинато гласањето во периодот од 12:25 до 13:13 часот поради недостиг на ливчиња од гласачкиот кочан.
На гласачкото место број 399 во основното училиште „Исмаил Ќемали“ во Гостивар било пријавено дека А.М.(72) од Гостивар, по остварувањето на своето право на гласање, го искинал гласачкото ливче по што побарал друго гласачко ливче. Лицето било приведено во Полициската станица Гостивар за расчистување на случајот.
На гласачкото место бр.2447 во село Ласкарци, И.П. член на невладина организација пријавил дека бил малтретиран и добивал закани од членовите на избирачкиот одбор. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.