Скопје, 21.02.2024 – Во рамки на иницијативата Global Engineer Girls (GEG), Групацијата Лимак продолжува со поддршката за младите жени и девојки од земјава кои сакаат да стекнат знаења, практично искуство и да изградат кариера во областа на науката, технологијата и инженерството – позната како СТЕМ област.
И оваа година, втора по ред, Групацијата Лимак, преку GEG North Macedonia, ќе обезбеди стипендии за 20 девојки и млади жени кои се запишале и студираат на техничките факултети при државните универзитети во земјава. Процесот за аплицирање за добивање стипендии започна на 8 февруари 2024 и ќе трае до 23 февруари 2024 година, а сите детали околу процесот кандидатките можат да ги добијат на веб-стрaницата: https://northmacedonia.globalengineergirls.com
Покрај финансиската поддршка, GEG North Macedonia на идните жени-инженери дополнително ќе им обезбеди и можности за практикантска работа, учество во менторска програма и обуки за развој на дигитални и друг вид „меки“ вештини.
Целта на иницијативата GEG е да се залага за родова еднаквост и јакнење на жените во општеството, применувајќи пристап на инклузија и соработка, како и интегрирање на вклученост од јавниот и од приватниот сектор, на домашно и меѓународно ниво.
„Задоволни сме од интересот и вклученоста на локалната заедница во GEG North Macedonia откако ја започнавме иницијативата речиси пред две години. Успесите што ги постигнуваат младите жени кои веќе се дел од оваа наша програма претставуваат дополнителен мотив за нас да обезбедиме поддршка за нови 20 студентки. Сакаме што е можно повеќе млади жени и девојки да имаат можност да стекнат знаење и искуство од индустријата и да ги развијата своите таленти во СТЕМ областа. На овој начин се надеваме дека ќе го зголемиме учеството на жените во инженерските сектори и занимања каде сеуште постои нееднаквост и помала застапеност на жените. Поттикот за вклучување на жените во некои од најзначајните индустрии ќе придонесе за натамошен одржлив развој на македонската економија и заедницата во целина“, изјави Ебру Оздемир, претседателка на Групацијата Лимак и основачка на Global Engineer Girls.
Global Engineer Girls е меѓународна филантропска иницијатива која започна да се спроведува во 2015 година во Турција, а минатата година се прошири и во Северна Македонија и Косово. Главна инспирација за нејзиното покренување беше организациската култура на Групацијата Лимак за зголемување на застапеноста на жените во СТЕМ областа.