Нов обид за конституирање на косовското Собрание во сабота

Конститутивната седница на косовското Собрание ќе продолжи во сабота на 19 април во 12 часот, објавено е на веб-страницата на парламентот.
Конститутивната седница веќе двапати беше прекината бидејќи не беа потврдени мандатите на пратениците.

Собраниската седница не траеше долго ниту на првиот ден, на 15 април, бидејќи мнозинството пратеници не го изгласаа извештајот на Комисијата за верификација на кворумот и мандатите.

Иако тоа треба да биде формалност, опозицијата се откажа од поддршката за извештајот, незадоволна што премиерот Албин Курти и министрите кои добија пратенички мандати одбиваат да поднесат оставки од владините функции.

Поради тоа седницата беше прекината, па продолжи денеска, но слична ситуација се повтори.

Водејќи ја седницата, најстариот пратеник Авни Дехари ги повика пратениците денеска да одржат консултации за да се надмине оваа состојба.

Но, ЛДК ги напушти консултациите, па Дехари повторно ја прекина седницата.

Според законот, седницата мора да продолжи во рок од 48 часа.

Пронајдете не на следниве мрежи: