Нов парк “Ибни Пајко“ во центарот на Скопје

На левата страна на Вардар во срцето на некогашното Пајко Маало, веднаш зад Националната филхармонија денес е отворен новиот градски парк “Ибни Пајко” со површина од околу 11.000 метри квадратни. Во овој парк лоциран во центарот на градот, граѓаните ќе имаат нов функционален простор за одмор и рекреација, богат со зеленило.
Свеченото отворање на паркот ќе биде вечер во 19 часот. Градоначалникот Шилегов денес одржа конференција за медиумите на која меѓу другото кажа:
– Градот е особено горд на фактот што за подигнувањето на паркот се потрошени точно 0 денари преку посебни јавни набавки. Зеленилото, патеките и урбаната опрема што ги гледате тука се одвоени од редовните програми на Градот и јавните градски претпријатија, а мал дел од нив се донација од општествено одговорни компании – рече Шилегов.
Во паркот се зачувани постоечките 12 дрва и се засадени нови 85 садници во дрвореди. Изградени се и пешачки патеки, сервисна улица збогатена со улична уметност, а поставена е и функционална урбана опрема. Клупите и кантите за отпадоци се поставени според очекуваните сенки од крошните на дрвјата.

Пристапите кон паркот се обезбедени со рампи за велосипеди/колички на сите негови влезови, а паркинзите за велосипеди и сервисната станица се поставени на осветлено место под видео надзор за подобра заштита. На патеката по должината на булеварот “Гоце Делчев“ е засадена жива ограда за да го штити паркот од прашината и од бучавата на возилата, а во паркот засадени се вкупно 7500 м2 трева со прскалки и системи за наводнување кои работат на принципот “капка по капка“.
Градоначалникот Шилегов упати и апел, да го сакаме Скопје и да се погрижиме да ги зачуваме јавните градски зелени површини, бидејќи граѓаните на Скопје заслужуваат повеќе зелени површини.
– Затоа да се погрижиме заедно да ги изградиме и зачуваме зелените површини за да можеме заедно да уживаме во придобивките од зеленилото и здравата животна средина. Ќе ја искористам и оваа можност да Ве поканам вечер, во 19 часот, сите заинтересирани да дојдете на свеченото отворање на паркот и ветувам дека нема да се покаете за одвоеното време – кажа Шилегов.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.