Суд во Унгарија пресуди дека партијата Фидес, предводена од премиерот Виктор Орбан, измислила „економски план“ од 600 страници и го припишала на опозицијата.
Во декември 2025 година, Орбан триумфално објави „економски план“ според кој Тиса, најголемата опозициска партија, наводно ќе дејствува доколку дојде на власт.
Во него се наведуваше дека Тиса ќе ги зголеми даноците за религиозните организации, ќе ја намали социјалната помош за семејствата и генерално ќе ги зголеми даноците за сите лица во Унгарија.
Сепак, според пресудата на судот во Унгарија, најавата на Орбан и наводниот „план на опозицијата“ се целосна измислица во режија на владејачката Фидес.
Ова го објави Петер Маѓар, лидерот на Тиса и најголем противник на Орбан.
„Унгарскиот суд пресуди дека не постои економски пакет Тиса. Судот изјави дека ниту еден збор од најголемата лага на Орбан и неговиот тим не е вистина. Станува збор за документ од 600 страници што Фидес го фалсификуваше и го објави на пропагандниот портал Индекс во ноември. Секоја буква од тие 600 страници е лага. Потписите на документот се фалсификати“, објави Маѓар.
Тој додаде дека ова е огромен проблем за Орбан и Фидес во контекст на кампањата за априлските парламентарни избори.
„Со оваа судска пресуда, кампањата на Фидес целосно пропадна. Виктор Орбан и неговиот тим ќе бидат одговорни пред судскиот систем за ова фалсификување и за кампањата на лаги финансирана од парите на даночните обврзници. Секој од нив“, додаде лидерот на партијата Тиса.
Според последните анкети, Тиша има поддршка од 49 проценти од населението во Унгарија, додека Фидес е на 37 проценти.
The post Нов удар за Орбан: Го објави „планот“ на опозицијата, а судот пресуди дека сè измислил appeared first on Во Центар.



