Четворица автори поврзани со издавачката куќа „Македоника литера“ се меѓу номинираните за Меморијалната награда „Астрид Линдгрен“ за 2025 година, чија објава е закажана за 1 април. Номинирани се автори чија работа е претставена преку изданијата на „Македоника литера“: Ѓин Бо и Хуанг Беиѓиа од Кина, Сања Пилиќ од Хрватска и Ана Хеглунд, која е шведски илустратор и писател. Таа престижна награда ќе биде објавена на 1 април во 13:00 часот по средноевропско време, во живо од Стокхолм и за време на Саемот за книги за деца во Болоња. Објавата може да се следи преку официјалната веб-страница: alma.se/en.
Меморијалната награда „Астрид Линдгрен“ се смета за едно од најголемите светски признанија за литература за деца и млади, споредлива со наградата „Ханс Кристијан Андерсен“. Таа е основана во 2002 година од шведската влада со цел да го афирмира правото на секое дете на извонредни литературни дела. Издавачката куќа „Македоника литера“ објави неколку книги од овие номинирани автори, како што се: „Мирисливата птица“ од Ѓин Бо, и „Бадникова вечер“ од Хуанг Беиѓиа, обете дела се дел од серијата „Најдобрата кинеска литература за деца“, како и книгите „Баш сум хепи!“ од Сања Пилиќ и „Умееш ли да свиркаш, Јохана?“ од Ана Хеглунд.
The post Номинации за Меморијалната награда “Астрид Линдгрен” 2025 appeared first on 365.mk.