Обвинителот на МКС поднесе барање за налог за апсење на израелскиот премиер, министерот за одбрана и лидерите на Хамас

– Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) поднесе барање за налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, министерот за одбрана Јоав Галант и тројца лидери на Хамас, меѓу кои и Исмаил Ханије.Карим Кан рече дека има разумна основа дека Нетанјаху и Галант сносат кривична одговорност за „воени злосторства и злосторства против човештвото“ извршени на територијата на Палестина, во Појасот Газа, најмалку од 8 октомври.Злосторствата вклучуваат „изгладнување на цивилите како метод на војување како воено злосторство“, „намерно предизвикување големо страдање или сериозни повреди на телото или здравјето“, „намерно убивање“, „намерно насочување напади врз цивилното население како воено злосторство “, и „истребување и/или убивање“, се додава во соопштението.„Прогонот како злосторство против човештвото“ и „другите нехумани дела како злосторства против човештвото“ беа споменати од страна на обвинителот, врз основа на докази, собрани и истражени од неговата канцеларија.„Ние тврдиме дека злосторствата против човештвото за кои се обвинети, се извршени како дел од широк, систематски напад врз палестинското цивилно население во согласност со државната политика“, рече Кан.Обвинителот исто така рече дека поднеле налог за апсење на тројца водачи на Хамас: Исмаил Ханије, Јахја Синвар и Мухамед Деиф, за одредени „воени злосторства и злосторства против човештвото“ извршени во Израел и Појасот Газа „најмалку од 7 октомври 2023 година“.Тие вклучуваат „истребување како злосторство против човештвото“, „убиство како злосторство против човештвото“, „земање заложници како воено злосторство“, „силување и други акти на сексуално насилство како злосторства против човештвото“, „тортура како злосторство против човештвото“ и „други нехумани дела како злосторство против човештвото“.Израел го нападна Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври минатата година. Според палестинските здравствени власти, оттогаш се убиени повеќе од 35.400 Палестинци, главно жени и деца, а над 79.300 се повредени.Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа.

Пронајдете не на следниве мрежи: