По реакциите за замената на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби, Јавното обвинителство денеска се дообјаснува зошто е донесена ваква мерка.
Куќниот притвор, според Обвинителството, е исто така притворска мерка доколку се реализира со 24-часовен надзор.
– Во однос на реакциите на јавноста во врска определената мерка за обезбедување – куќен притвор за еден од осомничените во предметот „Државна лотарија“, обвинителството нагласува дека, согласно Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа. Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка, нагласува Обвинителството.
Апелираат на воздржаност на коментарите за, како што велат, легитимно донесените јавнообвинителски одлуки.
– За обвинителството од исклучителна важност е што овој осомничен е обезбеден и за него продолжува кривичниот прогон за сомненијата за сторено кривично дело – Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. За него беше спроведена финансиска истрага и се обезбедени најголемиот дел од потребните докази, во кои одбраната веќе врши увид, наведуваат од Обвинителството. По враќањето на Груби во земјава, мерката притвор, изречена претходно, му беше преиначена во куќен притвор што наиде на реакции како од јавноста така и од опозициските партии во земјата. Куќниот притвор кој го побара Обвинителството вчера експресно беше прифатен од Кривичниот суд. Груби вчера рано наутро по 14 месеци бегство се врати во земјава прелу граничниот премин Блаце. Тој е осомничен за проневера на осум милиони евра во Државна лотарија.


