Јавното обвинителство Битола, застапувано од обвинителката Оливера Нечаковска пред околу 1 месец се спогодило со гинекологот од битолската болница Христо Ѓоргиевски, а судот ја прифатил спогодбата – тој да биде условно осуден на 6 месеци казна затвор која нема да се изврши ако една година не стори ново кривично дело, за смртта на новороденчето Јован на мајката Викторија Митевска, пишува Слободен печат.
Смртта на бебето настапила како директна последица на тоа што гинекологот наместо да ја породи со царски рез, ја породил спонтано, спротивно на медицината заснована на докази. Бебето се задушило, страдало во матката, но Ѓоргиевски наместо да пристапи кон итен царски рез, процес, што според вештачењето, во организирани гинеколошки институции трае 10-15 минути, продолжил со спонтано породување. Во него уште се додава дека кога Митевска дошла на породување, нецелосно работеле и ЦТГ апаратите во болницата, што оневозможило да се следи целосно срцевата акција на плодот.
По доаѓањето на пациентката во болницата на 09.04.2023 година во 14 часот од страна на лекарите е направена погрешна проценка за породување по спонтан пат. Мониторирањето на параметрите во текот на породувањето укажало на страдање на плодот во мајката и било направено со неисправна болничка ЦТГ опрема со која не може во целост да се следат сите параметри. Требало да се пристапи кон итен царски рез, а не да се чека уште еден час и да се продолжи со спонтано породување во кој период плодот дополнително страдал.
Како што произлегува од спогодбата и од пресудата, доктор Ѓоргиевски е виновен затоа што во април 2023 година, од 14 часот до 15 часот и 25 минути како лекар специјалист по гинекологија и акушерство вработен во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ – Битола, свесен дека поради неговото сторување или несторување може да настапи штетна последица, лекомислено сметал дека ќе може да ја спречи или дека таа нема да настапи, при породувањето на пациентката Викторија Митевска применил очигледно неподобен начин на лекување, со тоа што донел погрешна проценка породувањето да го заврши спонтано, наместо со итен царски рез, што е спротивно на медицинскиот протокол.
Според овој протокол, кога животот на жената или плодот е во непосредна опасност, како што било во конкретниот случај, треба да се пристапи кон породување со царски рез. Дополнително, кога се пораѓала Митевска во болницата, според стручната комисија од извршениот надзор, констатирано е дека ЦТГ опремата во гинеколошкото одделение во ЈЗУ болница „Св. Трифун Пановски“ – Битола, била неисправна. Така здравствените работници не можеле во целост да ги следат сите параметри за состојбата на плодот и мајката.
Докторот ја примил Митевска за породување, ја прегледал само вагинално и констатирал дека раѓањето е почнато и проценил дека треба да се доврши по нормален пат, иако направениот ЦТГ запис непосредно по пристигнувањето на родилката во болница од 14 часот и 15 минути кој го видел докторот укажувал на фетален дистрес синдром кој подолго траел. Исто така, во 14 часот и 30 минути истекла густа меконијална околуплодова вода која укажувала дека бебето страда додека е во мајката, што е апсолутен показател дека здравјето и животот на плодот се во опасност заради недоволен доток на кислород што пак е индикација за итен царски рез.
Царски рез не бил изведен. Бебето Јован почина. Причина за смртта на бебето, како што покажа обдукцијата е задушување заради вдишување на меконијално обоена околуплодова течност.
Целиот текст на Слободен печат