На непристрасна и транспарентна истрага повика и портпаролката на Канцелартијата за човекови права на ОН, Лиз Тросел. Според неа, доколку некој почине во државен затвор, се претпоставува дека државата е одговорна
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, повика на целосна и транспарентна истрага за смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални кој беше пронајден мртов во затвор во Русија.
Портпаролот на Обединетите нации, Стефан Дизарик, за време на брифингот со новинарите изјави дека генералниот секретар на ОН е шокиран од веста за смртта на Навални во руски затвор.
„Генералниот секретар изразува сочувство до семејството на господинот Навални и повикува на целосна, веродостојна и транспарентна истрага за околностите на неговата смрт во затвор“,
изјави портпаролот на ОН.
На непристрасна и транспарентна истрага повика и портпаролката на Канцелартијата за човекови права на ОН, Лиз Тросел. Според неа, доколку некој почине во државен затвор, се претпоставува дека државата е одговорна.
„Таа одговорност може да се побие само преку непристрасна, темелна и транспарентна истрага спроведена од независно тело. Ги повикуваме руските власти да се погрижат да се спроведе таква веродостојна истрага“,
рече портпаролката на Канцеларијата за човекови права на ОН.
Таа ја повика Москва да престане со прогонот на политичари, бранители на човекови права и новинари, додвајќи дека сите кои се приведени или осудени на затворски казни поради легитимно остварување на нивните права, вклучително и правото на слобода на мирно собирање и на говор, треба да бидат веднаш ослободени.
Четириесет и седумгодишниот Алексеј Навални беше еден од водечките критичари на Владимир Путин.
Рускиот опозициски лидер беше зад решетки од 2021 година, а затворската казна во август минатата година му беше продолжена на уште 19 години. Навални неодамна беше испратен во затворот „Поларен волк“ на крајниот север на Русија, кој важи за еден од најстрогите во рускиот затворски систем.