ОБСЕ: Добро организирани и мирни избори

Вчерашните претседателски избори беа добро организирани, а гласачите слободно можеа да направат информиран избор меѓу кандидатите. Изборите беа спроведени добро. Фундаменталните слободи на собир и изразување беа почитувани, а денот на изборите беше мирен, уреден и транспарентен. Ова се заклучоците на меѓународните набљудувачи од мисијата на ОБСЕ, Парламентарното собрание на ОБСЕ и на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за вчерашниот изборен ден. Тие, меѓутоа, се согласни дека се уште има голема потреба од реформи во Изборниот законик.
-Овие мирни генерално добро организирани избори покажаа дека може да се изнајде политички волја за одржување демократски избори, рече Серин Мобурн, специјална координаторка и шеф на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ.
Таа истакна дека овој конструктивен пристап мора да се задржи и во вториот круг, како и во иднина и подвлече дека ќе биде вложен вистински труд за усвојување на кохерентно изборно законодавство и конечно да се решат долгорочните предизвици.
Од нивното мониторирање, како што истакна таа, се заклучува дека јавниот радиодифузен сервис обезбедил непристрасно информирање што на гласачите им била дадена можност за информиран избор.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.