Во серија протечени е-пораки што го шокираа светот, беше откриено дека агенти од престижни глобални модни агенции со години го „снабдувале“ осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн со млади девојки, опишувајќи ги буквално како „подароци“ во пораките.
Досиејата од Министерството за правда на САД (DOJ), анализирани од CNN, открија длабока врска помеѓу модната индустрија и осрамотениот финансиер. Додека Епштајн обезбедувал пари, визи за САД и професионални врски, моќниците во светот на модата, пак, му дале пристап до млади, странски девојки, од кои многумина сега тврдат дека тој брутално ги злоставувал.
„Подготвени за патувањето“ и „подароци“ за предаторот
Протечената преписка го открива застрашувачкиот јазик што го користат модните агенти. Еден скаут се фалел пред тимот на Епштајн дека има „слатка Французинка“ која би била „среќна да го запознае“, додека друг опишал група 16 и 17-годишни потенцијални модели од Скандинавија како „подготвени за следната година“.
„Таа е подарокот што планирав да ти го дадам“, пишува во една од пораките испратени од професионалниот регрутер.
Она што најмногу ја згрозува јавноста е фактот дека луѓе од модната индустрија продолжиле да соработуваат со Епштајн, да го покануваат на модни ревии и да започнуваат бизнис со него дури и откако тој беше официјално осуден за сексуални злосторства во 2008 година.
Меѓу обвинетите претходно беше и познатиот француски агент Жан-Лук Брунел, кој изврши самоубиство во париски затвор во 2022 година откако беше уапсен за силување малолетнички.
Системот на визи и лажни работни места: Како функционирал „екосистемот“
Руската манекенка Светлана Пожидаева раскажа за Си-Ен-Ен како парискиот извидник Даниел Сиад ја запознал со Епштајн под изговор дека тој ќе ѝ помогне да се пробие на пазарот во Њујорк. Наместо модна кариера, таа станала негов личен асистент и преживеала години злоупотреба. Агенцијата MC2 Model Management, која Епштајн ја финансирал со милион долари, продолжила да ѝ ја продолжува работната виза иако знаеле дека воопшто не работи како модел.
„Тие знаеја дека работам за него и постојано ми ја обновуваа визата. Дефинитивно имаше договор меѓу нив“, рече Пожидаева.
Документите покажуваат дека Фејт Кејтс, коосновач на една од најпознатите агенции во светот, „Некст Менаџмент“, исто така останала во близок контакт со Епштајн по неговата прва пресуда. Во порака од 2009 година, таа му напишала: „Секогаш ќе те сакам и ќе бидам тука за тебе“, а за возврат побарала услуги од него и добила луксузни подароци како што се чанти „Прада“. Кејтс одеднаш го објави своето пензионирање кон крајот на минатата година.
Истрагата се проширува во Париз: Жртвите бараат правда
Иако Епштајн е мртов, истрагата за неговите соработници продолжува, а клучна фигура во моментов е парискиот извидник Даниел Сиад. Преку него, десетици девојки стигнале до Епштајн, а тој им испраќал фотографии во провокативни пози во пораки. Кога Сиад му испраќал девојка, Епштајн понекогаш кратко одговарал: „Премногу е стара“.
Сиад денес ја негира вината и тврди дека Епштајн бил „камелеон кој го измамил“, но обвинителството во Париз започна официјална кривична истрага. Поранешната манекенка Еба Карлсон поднесе тужба против Сиад обвинувајќи го за силување и трговија со луѓе.
Сара Зиф, основач на организацијата „Модел Алијанс“, изјави дека овие документи го докажуваат она за што се сомневале со децении:
„Во некои случаи, модната индустрија е само параван за трговија со луѓе. Мислам дека тоа се случува на највисоките нивоа на бизнисот“, рече таа.
The post Објавени е-пораки: Модните агенти му предавале млади девојки на Епштајн, ги опишале како подароци appeared first on Во Центар.



