Објавен шестиот том од Избраните дела на Блаже Миневски

Во издание на „Матица македонска“ се појави шестиот том од делата на Блаже Миневски. Романот „Форензички извештај за една мува“ („Општа историја на сувото око“) претставува приказна за перцепцијата на минатото и динамиката на сегашноста. Ова е приказна која останува жива дури и откако книгата е затворена; приказна што се претвора во ехо од она што е прочитано. Тоа е длабока исповед на оној што го доживува текстот како да доаѓа од друг. Сведоштво кое ги опфаќа љубовта на читателот и антагонијата на слушателот. Ова е роман кој истовремено говори за скриената меланхолија и јасната измама.
Главниот лик во ова дело, интелектуалец со специфична парапсихолошка способност, експерт за звук и звучна изолација, неочекувано добива на наследство огромен, скриен архивен материјал од неговиот татко, кој долго време раководел со државната безбедност. Како личност која живее сама и никогаш немала вистинска работа, освен што повремено дресирал улични кучиња, тој се впушта во астрална потрага по мистични известувања сокриени во архивата, при што открива неверојатни тајни од приватниот и јавниот живот на многу луѓе, како и значајни историски факти за сопственото семејство.
Во времето што тој го составува слушајќи ги архивите, настануваат бунти и револуции, светски судири, терористички акти, природни катастрофи – оживуваат цели светови на катастрофи, звучни вибрации на историјата и сложени лавиринти на неразрешени политички мистерии, кои можеби се само плод на неговото експертско размислување. Додека архивите добиваат звук, тој го изолира домот, тапецирајќи ги ѕидовите, верувајќи дека вештачки создадените звуци ја уништуваат вистинската мелодија на постоењето, звуците кои допираат од вселената, кои го обликуваат животот, звуците на телото, автентичните звуци на човештвото.
На крајот, кога мисли дека е победник над звуците на падот во векот на катастрофите, случајно ја преживува катаклизмата која ја брише меморијата на светот. Главниот пресврт се случува кога соработник на неговиот татко доаѓа да му ја открие вистината што не е на хартијата! По драмата која се одвива во станот обременет со разузнавачки архиви и остатоци, еден од ликовите успева да исчезне. Што останува зад него? Шокантниот разврска на романот ја дознаваат само оние кои го читаат форензичкиот извештај на вештакот.
The post Објавен шестиот том од Избраните дела на Блаже Миневски appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: