Златната, црвената и зелената традиционално се најзастапените бои за време на празничното уредување на домот.
Меѓутоа, ако можеби не ви се допаѓаат тие бои или едноставно сакате промена, испробајте некои нетипични варијанти.
На пример, зошто да немате розов Божиќ оваа година? Розовата боја е многу популарна во последните неколку сезони кога е модата во прашање, но љубителите на оваа боја сакаат да ја внесат и во нивниот животен простор, а не само во нивната гардероба.
Во продолжение погледнете како можете да ја искористите розовата боја при уредувањето на вашиот дом за време на празниците.
Аранжман за празнична маса или прозорец
Кој вели дека цвеќето не може да биде гостин на празничната трпеза? Нежната розова орхидеја во друштво на борови гранчиња и розови лампиони ќе го украде вниманието на вашите гости. Секако, можете да се одлучите и за потрадиционален кружен аранжман со розови свеќи и разни украси.
Украсни кутии за колачи и бисквити
Ставете ги бисквитите кои сте ги испекле во розови лименки. Слободно користете класични сребрени лимени кутии или лименки кои можете да ги покриете со самолеплива розова фолија. Ако не можете да набавите фолија во саканата нијанса, користете ткаенина како тул што можете да ја врзете во панделка околу лименката, односно кутијата.
Розови лампиони
Што и да мислат критичарите на розовата боја за тоа, лампионите во оваа боја изгледаат одлично на зелена елка, па затоа користете ги без размислување при украсувањето. Без разлика на нијансата, тие одлично ќе одговараат со сребрени и златни лампиони, но слободно експериментирајте и со други бои.
Розова елка
Најсмелите можат да се одлучат за розова елка. Секако, се работи за вештачко дрво и со ваквиот избор отстапувате од традиционалното празнично украсување и создавате навистина уникатна божиќна атмосфера во вашиот дом.
Дајте ѝ слобода на креативноста во текот на изборот на нијанси
Од таканаречената „валкана“ розова, која изгледа одлично во комбинација со сребрена, или пак нежната бебешка варијанта до „жешко розова“ – не се ограничувајте при изборот на нијанси. Не постојат правила за користење на розовата боја во празничното украсување, па затоа ослободете ја вашата креативност.