Земањето додатоци со потекло од рибино масло, во форма на омега-3 масни киселини, може да ви помогне да ги оставите цигарите.
Едно истражување на израелски научници, кои во текот на експериментот на пушачите им ги давале омега-3 масни киселини, покажало дека пушачите кои учествувале во него, во просек пушеле 10 отсто помалку цигари, додека оние кои во тој момент, престанувале со пушење, чувствувале помала желба да пушат.
Научниците, потоа, вистинскиот ефект на омега-3 киселини го споредиле со групата на која и давале плацебо, а во која испитаниците не го намалиле бројот на испушени цигари дневно.
Недостатокот на омега-3 масни киселини, инаку, е чест кај хроничните пушачи. Тоа доведува до оштетување на нервните клетки и врската помеѓу нервите во делот од мозокот одговорен за контролирање на желбите, а тоа објаснува зошто овие додатоци можат да влијаат на намалување на потребата за цигари.
Докторката Шарон Рабиновиц Шенкар, од Универзитетот во Хаифа, вели дека резултатите од истражувањето покажале дека омега-3 масните киселини се добар сојузник во оставањето цигарите, бидејќи за разлика од многу други лекови не предизвикуваат несакани ефекти.
Затоа, на оние кои се обидуваат да престанат со пушењето, им се препорачува да јадат храна, која ги содржи овие киселини, како скуша, сардини, лосос, ореви, сончоглед и маслиново масло.