Ако спорната Суперлига беше европски и светски проблем зашто ќе се наруши фудбалскиот еко-систем, англиската Премиерлига полека станува трн и сериозна опасност за останатите на Стариот континент, после јануарскиот спектакл со трошење пари и 815-те милиони фунти што ги дадоа клубовите, безмалку двојно повеќе од досегашниот рекорд од 450 милиони (2019 година).
Хавиер Тебас, првиот човек на шпанската Ла Лига, кој беше главен бунтовник против Суперлигата и против Пари Сен Жермен за расфрлањето со пари, особено со џиновскиот нов договор за Килијан Мбапе летоска, сега удри по Премиерлигата, посочувајќи дека со ваквото трошење – ќе се уништат останатите лиги. Во моментов освен ПСЖ од Франција, нема друг клуб кој финансиски може на трансферпазарот да биде конкуретен на Англичаните, кои во последниве два преодни рока за оваа сезона потрошија три милијарди евра на засилувања.