Ова се идеалните места за зимување на Балканот

Зимската сезона полека го достигнува својот врв. Доколку планирате да одите на зимски одмор, ова е идеално време да планирате каде би можеле да патувате и кој ски-центар ќе го изберете за зимски одмор. Ако сè уште размислувате и сте неодлучни за изборот, тоа не би требало да биде тежок избор бидејќи Балканот изобилува со голем број на фантастични скијачки центри, кои ќе ви овозможат незаборавно искуство.

Одличните услови за зимски спортови, пристапните цени и незаборавното гостопримство се главните причини поради кои луѓето избираат скијачки центри на Балканот. Во балканските земји има бројни скијачки центри кои можете да ги посетите без да потрошите цело богатство, дури и во екот на сезоната.

Од Словенија, преку Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, до Албанија и Бугарија, скијачките центри овозможуваат одлични услови за презимување и незаборавна зимска сезона. За вас избравме 5 скијачки центри на Балканот, а на вас останува да изберете која од овие дестинации е најпогодна за вашата зима и скијање.

Копаоник, Србија
Првото место на листата, секако, го зазема предводникот на српскиот туризам – Копаоник. Оваа прекрасна планина е одличен избор за скијање на Балканот, иако не е толку поволна во споредба со другите места. Копаоник има околу 55 километри уредени ски патеки, како и 20 километри патеки за нордиско скијање. Цените за ски-билетите за сезоната 2024/2025 се прилагодени на различни буџети, така што цената на шестдневниот ски-билет ќе се движи од 10.900 до околу 11.800 денари, додека еднодневните ски-билети ќе се движат од околу 2.400 до околу 2.800 денари.

Јахорина, Босна и Херцеговина
На само 40 минути возење од центарот на Сараево се наоѓа најпознатиот ски-центар во Босна и Херцеговина – Јахорина. Некогаш домаќин на скијачки настани за време на Олимписките игри во 1984 година, денес е модерен центар на зимскиот туризам, со голем број скијачки патеки и ски-лифтови. Цената на шестдневниот ски-билет ќе започне од околу 10.800 денари, додека за дневен билет треба да одвоите околу 2.500 денари, во зависност од периодот на пристигнување.

Крањска Гора, Словенија
Место каде што во текот на зимата се организираат најдобрите ски натпревари во слалом, велеслалом, спуст, а особено е голем интересот за ски скокови, бидејќи во близина е познатата скокалница на Планица – една од најдобрите и најпопуларните во светот. Цената на дневниот ски-билет започнува од околу 2.500 денари, додека шестдневниот ски-билет чини околу 18.500 денари. Крањска Гора е туристичка дестинација која е популарна и во лето и во зима и сигурно ќе ве воодушеви и ќе ве натера да се вратите следната година.

Банско, Бугарија
Банско – место кое Србите со големо задоволство го избираат за зимски одмор поради пристапните цени и фантастичните скијачки патеки. Банско е еден од најголемите и најпопуларните ски центри во Источна Европа, а воедно и најевтиниот зимски центар во Европа.

Попова Шапка, Македонија
Главната зимска дестинација на Македонија, Попова Шапка, се наоѓа високо над Тетово на планината Шар Планина. Скијачките патеки на Попова Шапка се првокласни и почнуваат на 1.690 метри надморска височина, а се поврзани со жичарници и ски-лифтови. Со само 9,6 километри уредени скијачки патеки, Попова Шапка е погодна за почетници и за оние со средно ниво на скијање, но вистински предизвик за љубителите на скијањето во слободен стил и зависниците од адреналин е големата површина надвор од патеката.

Кое место и да го одберете за вашето зимско патување, сигурни сме дека ќе уживате во скијањето, идиличната атмосфера, друштвото, храната и нереалната глетка. Не претерувајте со варено вино и уживајте!

Пронајдете не на следниве мрежи: