Овој тип на исхрана може да го намали ризикот од мозочен удар

Мозочниот удар е една од водечките причини за смрт и инвалидитет во светот, а експертите истакнуваат дека голем број случаи може да се спречат со усвојување на поздрави животни навики и навремена превенција.

Исхемичен мозочен удар се јавува кога протокот на крв во мозокот е ограничен или целосно прекинат, додека хеморагичен мозочен удар се јавува поради крварење во мозокот или неговата непосредна околина. Транзиторниот исхемичен напад (ТИА) е сличен на исхемичен мозочен удар, но е резултат на краткотраен прекин на протокот на крв низ мозокот, објавува Medical News Today.

Според Американското здружение за мозочен удар, мозочниот удар е четврта водечка причина за смрт во Соединетите Американски Држави, додека околу 80 проценти од случаите можат да се спречат.

Во последниве години се објавени неколку студии кои укажуваат на фактори кои можат да помогнат во намалувањето на ризикот од мозочен удар.

Ново истражување објавено во 2026 година во списанието Neurology Open Access испитуваше дали медитеранската исхрана може да го намали ризикот од мозочен удар кај жените.

Во истражувањето учествувале 105.614 испитаници и одговарале на прашања за нивните навики во исхраната. Врз основа на нивните одговори, истражувачите на секој учесник му доделиле оценка што покажува колку добро нејзината исхрана се совпаѓа со принципите на медитеранската исхрана. Колку е повисок резултатот, толку исхраната била поблиску до медитеранскиот модел.

Резултатите покажаа дека жените кои се хранеле според медитеранската исхрана или слична диета имале помал ризик од исхемичен и хеморагичен мозочен удар.

Експертите истакнуваат дека високиот крвен притисок е најголемиот фактор на ризик за мозочен удар, но дека исхраната игра важна улога и во неговата регулација. Затоа, правилната исхрана може индиректно да придонесе за намалување на ризикот од мозочен удар.

Иако се потребни дополнителни истражувања за да се потврдат овие резултати, авторите наведуваат дека исхраната богата со храна базирана на растенија, свежо овошје, зеленчук и здрави масти може да има заштитен ефект.

„Девственото маслиново масло, рибата богата со омега-3 масни киселини, овошјето, зеленчукот, мешунките, јаткастите плодови и семките придонесуваат за подобра функција на крвните садови, го подобруваат квалитетот на холестеролот и помагаат во регулирањето на крвниот притисок, нивото на шеќер во крвта и воспалителните процеси“, изјави регистрираната нутриционистка Мишел Рутенштајн за „Медикал њуз тудеј“, која не учествуваше во ова истражување.

Иако резултатите од овие студии се ветувачки, експертите нагласуваат дека здравата исхрана, редовната физичка активност, контролата на крвниот притисок, престанокот со пушење и лекувањето на постоечките хронични заболувања се сè уште клучни фактори во превенцијата од мозочен удар.

Пронајдете не на следниве мрежи: