Секоја чаша ракија што денес се испи во Дебар маало ја прогласувам за испиена за твојот роденден, кажа Игор Стефановски, синот на Горан, на прославата по повод роденденот на великанот во Скопје, пред кафаните „Наџак“ и „Идадија“, покрај спомен обележјето на Горан Стефановски, каде што пред шест години беше засаден чинар во негова чест. За скопјаните кои имаа желба да му оддадат чест на познатиот македонски драмски автор беше организирана пригодна програма со настап на вокално-инструменталниот состав „Аудио Скопје“, потоа пантомимичари и улични статуи, а беа рецитирани одбрани текстови посветени на Горан од актерките Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска Костовска и Трајанка Илиева Вељиќ и од семејството и пријателите на Стефановски. Настанот беше дополнително збогатен со ДЏ сет на Игор Стефановски.
„Мама е супер и е многу ангажирана во селото Вај до Јана. Оваа мај ќе биде кандидат на локалните избори во Кент, југоисточна Англија. Да, мајка ми. Сѐ уште се бори за своите вредности и принципи. Јана е добро, мудра и сѐ уште многу позитивна и многу ја сакам. Моите деца, Калина, твојата прва внука, ужива во слушањето на добра музика и е заинтересирана за разни уметнички сцени. Јавор е типичен момче, игра фудбал и ‘Мајнкрафт’, но е и шегаџија. Синот на Јана е одличен, свири на тапани. Јас сум таман, не грижи се за мене. Пламена е прекрасно, продолжува по својот пат. Твојот брат Влатко, легендарниот гитарист, оваа година одбележува 50 години кариера. Бев на концертот во „Сава Центар“ во Белград каде четири илјади публика во еден глас ја пееше ‘Скопје’. Двајца Стефановци свиреле во ‘Аби Роуд’. Еден стигна дури по 67 години, а Јан со само 24, па браво Јан! Јан е извонреден тапанар, скоро ќе заврши факултет и си оди напред. Внука ти, Ана, докторираше во Италија. Беше извонредна. Не веруваа дека Македонка може така добро да зборува италијански“, кажа Игор седнат на спомен клупата.
Професорката и режисерка Зоја Бузалковска во својот натпис до Горан се присети на лекциите по драматургија и испитите на Факултетот за драмски уметности, изразувајќи благодарност што имала привилегија да учи од него. “Ти ме израсна со твоите драми. Доаѓав уште како средношколка на факултетот за да ги слушам твоите предавања. Фала за целото наследство што ни го остави. Ти си нашиот чинар,” рече Бузалковска. Колешката актерка Синоличка Трпкова му се заблагодари на Горан за ликот што го играше во „Бушава азбука“ и во своето писмо искажа надеж дека „Бушав буквар“ набрзо ќе биде виден. “Ти си ми создал лик што сакам да го понесам со себе во вечноста. За мене, Горане, секогаш ќе бидеш жив. Остави ненадминат извор на живот,” кажа Трпкова, која ја глумеше наставничката која ги пишуваше буквите на табла во „Бушава азбука“.
Горан Стефановски е еден од најистакнатите македонски драматурзи и писатели. Роден на 27 април 1952 година во Битола, во семејство поврзано со театарот. Детството го поминува во театар, каде што го посветува и целиот свој живот. Неговите драми вклучуваат: „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“… Почина на 27 ноември 2018 година во Кантербери, Велика Британија на 66-годишна возраст. Од 2019 година во Дебар маало се одбележува неговиот роденден. Иако физички не е присутен, неговите ликови продолжуваат да живеат во нашите срца, неговите зборови одекнуваат на театарските сцени, а духот му постојано е со нас – во говорот, мислата и сцената што го продолжува неговото постоење. Затоа велиме: Горан засекогаш е тука,“ истакнаа од Општина Центар, огранизатори на настанот.
The post Одбележување на Роденденот на Горан Стефановски во Дебар Маало appeared first on 365.mk.