Одбележување на Светскиот ден на книгата во НУБ

Преку книгите, јазикот станува израз, сведоштво и наследство. Македонскиот јазик, кој е наш мајчин и државен, пред осум децении го доби своето прво институционално признавање, неговото право да биде објавен во учебници и книги, истакна проф. д-р Славица Велева. Таа е авторка на македонската порака за одбележување на Светскиот ден на книгата. Оваа година, прославата на Светскиот ден на книгата зема особено значење бидејќи се одбележуваат 80 години од кодификацијата на македонскиот литературен јазик. Кога зборуваме за книги, зборуваме за домот каде што јазикот оживува. Македонскиот јазик, пред осумдесет години, доби формално признавање и право да биде запишан и изговорен, напомена Велева по повод одбележувањето на денот на книгата во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Според Велева, која ја подготви македонската порака за овој ден, кодификацијата не беше само лингвистички чин, туку и акт на потврдување на националната и културната идентичност. Со тоа, македонскиот јазик беше изедначен со сите светски јазици во литературата, науката и секојдневниот живот. Денешната прослава ја слави словото, и правото да се изговори. Славиме автори и нивното право на изразување преку јазикот кој го создаваат и во кој сонуваат. Авторското право се промовира како начин за признавање и заштита на креативноста.
Велева повика годишницата да биде поттик за иднината. Таа ни служи како потсетник да го негуваме јазикот кој ни е наследен, да ги почитуваме писателите и да создадеме услови за идните генерации да творат слободно и со љубов. На денешно време, кога информациската технологија ни овозможува пристап до сè, предизвик ни е да ја зачуваме вредноста и значењето на пишаниот збор.
Проф. д-р Велева истакна дека Светскиот ден на книгата треба да биде потсетник дека читањето е чин на отпор против површното, пишувањето е чин на надеж, и зборот сè уште има моќ да ги менува световите. Овој ден е посветен на книжевниците – познати и непознати, живи и починати – кои ни го осветлија патот низ вековите.
На настанот беа прочитани и пораките од генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле, која го спореди отворањето книга со отворање прозорец кон друг свет. Таа нагласи дека книгите имаат моќ да поттикнат имагинација и обликуваат општеството, при што се истакнати достигнувањата во промовирањето на писменоста. Рио де Жанеиро, како Светска престолнина на книгата за 2025 година, ќе демонстрира како книгите можат да предизвикаат општествени промени.
Книгите треба да ја одразуваат јазичната разновидност на светот, за што Азуле се надева дека ќе продолжи да се остварува, бидејќи светот не може да напредува без нив. На прославата во Скопје се обрати и Јовица Никчевски, директор на НУБ „Св. Климент Охридски“, а настанот беше одржан во соработка со шпанската амбасада. Преку каталанската традиција, на гостите им беа поделени книги и рози.
The post Одбележување на Светскиот ден на книгата во НУБ appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: